Поранешниот Формула 1 возач Дејвид Култард ги анализираше перформансите на возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон во споредба со тимскиот колега Џорџ Расел на почетокот на сезоната 2024 година.
Според Култард, Хамилтон е веќе ментално во Ферари. Тој е сигурен дека седумкратниот шампион со нетрпение очекува да се пресели во Ферари следната година.
– Тој едноставно не се навикна на овој автомобил. Може да се види дека Џорџ во моментов ги усовршува своите времиња во кругот, а Луис заостанува. Сепак, знаеме дека Луис ќе покаже резултат ако го извлече максимумот од болидот. Меѓутоа, токму сега, со оглед на одлуката да оди во Ферари, се чини дека со мислите тој е веќе таму, изјави Култард кој работи како стручен коментатор за „Channel 4“.
На првата трка сезонава одржана во Бахреин, Хамилтон го освои 7. место, додека минатата сабота на ГН на Саудиска Арабија, Британецот беше дури 9-ти.
Следната етапа од светскиот шампионат во Формула 1 ќе се вози од 22 – 24 март во Австралија.