На Киев не му треба присуството на француски воен персонал, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
-Сè додека Украина издржува, француската армија може да остане на француска територија. Вашите деца нема да умираат во Украина. Доколку Русија дојде во конфликт со земја на НАТО, вашите деца може да бидат испратени во една од земјите на НАТО, но тоа ќе биди поинаква ситуација, рече Зеленски во интервју за француската телевизија БФМ.
Зеленски, меѓутоа, кажа дека иако Украина не е дел од Северноатлантската алијанса, тој „не гледа ништо лошо“ во испраќањето странски воен и технички персонал за обука на припадниците на вооружените сили на Украина и за поправка на украинското оружје.
Зеленски повтори дека Украина се соочува со тешкотии поради недостаток на артилериски гранати, воздушна блокада, руски ракети со долг дострел и голем број руски беспилотни летала.
Францускиот претседател Емануел Макрон на крајот на февруари изјави дека Париз ќе направи се за да ја спречи Русија да „победи во војната со Украина“.
Според него, лидерите на западните земји разговарале за можноста за испраќање војници во Украина, но, како што рече, сè уште не е постигнат консензус за ова прашање.
Веднаш по дадената изјава Макрон беше остро критикуван, а властите на многу европски земји се огласија и потврдија дека не станува збор за префрлање на воен персонал во Украина.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус нагласија дека Германија нема да испрати свои војници во Украина, а Шолц дополнително појасни дека и земјите од НАТО како целина нема да го сторат тоа.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател, официјална Москва предупреди дека таквиот развој на настаните неминовно ќе доведе до директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО. (МИА)