Под мотото „Зајакнување, Зачувување, Заштита“ попладнево во романскиот главен град Букурешт започнува дводневниот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП), на кој треба да биде одобрен партискиот Изборен манифест и избран водечкиот кандидат на партијата за евроизборите во јуни годинава.
Во најавата за Конгресот, ЕПП посочува дека тој претставува можност за славење на постигнувањата, но и момент за единство, размислување и инспирација за справување со предизвиците, како што се руската војна во Украина, зголемените трошоци за живот и заканите од популизмот и екстремизмот.
– Бидејќи ЕПП останува доследна на своите вредности, ние го нагласуваме зајакнувањето на народот во Европа, зачувувањето на нашите длабоко вкоренети вредности и заштитата на Унијата од внатрешни и надворешни закани, посочува ЕПП, која претставува семејство на европски демохристијански, либерално-конзервативни и конзервативни партии на десниот центар.
Во пресрет на Конгресот, генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас изјави дека собирот во Букурешт ќе го покаже „квалитетот на лидерството“ на Партијата, нагласувајќи дека партиското раководство „дава резултати за европскиот народ“. Токму поради ова покажано лидерство, тој очекува политичката рамнотежа на силите во Европскиот парламент по изборите да и овозможи на Европската народна партија да ги задржи клучните функции во ЕУ.
– Ако се гледа објективно, може да се тврди дека ЕПП ќе ја добие Комисијата, се што, се разбира, мислам дека и сите се согласуваат. Ако ја погледнете големата слика, мислам дека има директен повик дека клучните ресори треба да се препуштат во многу способните стабилни раце на раководството на ЕПП, истакна Баколас во неодамнешно интервју за „Еурактив“.
Според него, кога станува збор за квалитетот на кадрите, останатите европски партии би требало да ги „преиспитаат кандидатите што ги предложија“.
– Кога станува збор за раководењето со Советот (на ЕУ) и нашата надворешна политика, се очекуваше многу, но тоа беше постигнато, изјави Баколис.
Запрашан дали ова претставува критика за работата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, Баколас изјави дека секој мора да го извршува мандатот што му е доверен, особено во сегашните „тешки околности“ низ кои поминува Унија.
– Немаме луксуз да ги ставиме нашите строги лични амбиции пред нашата одговорност и некој не смее да прибегнува кон еднострани лични позиции кога ја претставува Унијата пред светот. Се плашам дека Шарл Мишел и Жозеп Борел тргнаа по овој пат, додаде Баколис.
Инаку, Мишел доаѓа од редовите на Алијансата на либералите и демократите на Европа (АЛДЕ), а Борел од социјалдемократската Партија на европските социјалисти (ПЕС).
Во однос на актуелното прашање за иднината на Европскиот зелен договор, Баколас вели дека тој е во „многу добри раце, во рацете на ЕПП“, нагласувајќи дека идејата за неговото иницирање произлегла од неопходноста да се заштитат луѓето и планетата.
– Но, тој беше дизајниран и како можност да го изградиме нашиот иден просперитет. Најдобри решенија ќе постигнеме само ако ги искористиме сите технолошки можности без никакви предрасуди или идеологија, изјави Баколис, додавајќи дека за успешни резултати од Зелениот договор со него треба да биде опфатена „секоја група и секоја засегната страна во Европа“ и тој „мора да биде целосно во согласност и дел од предлозите за конкурентност и просперитет“ во ЕУ.
Изборен манифест на ЕПП: Преиспитување на зелените барања и промени во раководењето со надворешните работи и одбраната
Во делот за еколошките прашања во Изборниот манифест на ЕПП, што треба да биде усвоен вечерва, ЕПП оценува дека за остварувањето на целите на климатска и јаглеродна неутралност треба да решаваат експертите, заедно со пазарот, а не политичарите.
– Ќе го постигнеме најдоброто решение само ако ги искористиме сите технолошки можности без никакви предрасуди или идеологии. Ние го браниме принципот на технолошка неутралност и политика изградена на создавање стимулации за бизнисите и индустријата. ЕУ може да постави цели за намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, но мора да остави простор за приватните, локалните и индустриските играчи да најдат соодветни технолошки решенија. Ние сме за технолошка отвореност во економијата, енергијата и заштитата на климата, се вели во програмата на ЕПП.
Во манифестот се нагласува и дека ЕПП „ја отфрла политиката за забрана“, најавувајќи ревизија на планот за забрана на возилата со мотори со внатрешно согорување „што е можно поскоро“.
Лани во март ЕУ одобри регулатива со која се предвидува целосна забрана за производство на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во Унијата до 2035 година. Меѓутоа, по жестоките реакции, пред се од автомобилската индустрија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека „одлуката на ЕУ за постепено укинување на моторите со внатрешно согорување ќе биде ревидирана во 2026 година“.
Значајни нови идеи во Манифестот на ЕПП се предлозите одлуките за некои прашања од надворешната и одбранбената политика да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус, како и промена во ресорот за надворешни работи и безбедност во следниот состав на Европската комисија, со воведување на функцијата еврокомесар за одбрана.
Во текстот се предлага „отстапување од принципот на консензус во областите за санкциите на ЕУ против тоталитарните режими ширум светот и за единствен пазар за одбраната.
Во документот, исто така, се предлага сегашната функција висок претставник за надворешна политика и безбедност да се „подели“ на две и тоа еврокомесар за одбрана и „министер за надворешни работи на ЕУ“. Во предлогот се наведува дека Европската комисија ќе добие „поголема улога во одбранбената политика“ со назначување на еврокомесар за одбрана, кој би ги презел надлежностите што сега ги има високиот претставник во делот на безбедноста, како и обврските на еврокомесарот за внатрешен пазар во делот на одбранбената индустрија на ЕУ.
Според ЕПП, комесарот за одбрана „подобро ќе ги координира одбранбените прашања во делот на надлежностите на ЕУ, ќе промовира соработка и во исто време ќе обезбедува буџет за одбраната од најмалку 0,5 отсто од БДП на Унијата“. Со таков буџет, според ЕПП, ЕУ ќе „обезбеди ресурси за иновации и за задоволување на воените потреби“ во услови кога мора „да ги засили капацитетите на производителите на вооружување“.
Делот, пак, од надлежностите на високиот претставник во надворешната политика би преминале на вршителот на новата функција „министер за надворешни работи“.
Во Манифест на ЕПП се промовира и идејата за формирање на „Европски совет за безбедност“, кој би имал задача да и овозможи на ЕУ „брзо да реагира на меѓународни кризи и кохерентно да ги следи своите надворешнополитички одлуки“.
Фон дер Лајен како „шпиценкандидат“ во трка за втор мандат на чело на Еврокомисијата
Главен настан на утрешното продолжение на Конгресот на ЕПП ќе биде изборот на водечкиот кандидат на партијата на јунските избори за членови на Европскиот парламент, позиција за која единствен предлог е актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Именувањето на Фон дер Лајен за т.н. „шпиценкандидат“, практично значи нејзина кандидатура за реизбор на сегашната функција, за што има огромни шанси, имајќи предвид дека се очекува ЕПП да остане најбројна политичка групација во идниот Европски парламент, а според досегашната пракса најголемата партија го номинираше претседателот на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен ја најави својата кандидатура за втор петгодишен мандат на чело на извршното тело на ЕУ кон средината на минатиот месец на собир на нејзината матична партија, германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) во Берлин.
– Мораме да се заштитиме од поделбите одвнатре и однадвор. Сигурна сум дека имаме сила да го сториме тоа, а тоа е задачата што си ја поставив и себеси, изјави Фон дер Лајен најавувајќи ја својата кандидатура, со што стави крај на неколкумесечните шпекулации за нејзините идни планови, имајќи предвид дека таа се споменуваше и како можен кандидат за нов генерален секретар на НАТО.
Кандидатурата на Фон дер Лајен беше веднаш поддржана од поголем број лидери и партии членки на ЕПП, меѓу кои и премиерите на Полска, Доналд Туск, на Грција, Кирјакос Мицотакис, на Финска, Петри Орпо, на Шведска, Улф Кристерсон, на Летонија, Евика Силиња и на Литванија, Ингрида Шимоните.
Фон дер Лајен, која беше министерка во сите четири влади на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, е првата жена на чело на Европската комисија. Таа беше компромисниот кандидат за оваа функција во 2019 година, откако тогашниот „шпиценкандидат“ на ЕПП, Манфред Вебер не доби поддршка од лидерите на земјите членки на ЕУ за претседател на ЕК.
Таа понекогаш беше обвинувана дека има „наметлив стил на владеење“, што предизвика тензии со некои од лидери на ЕУ, но и дека има амбиции за зголемување на моќта на извршната власт на ЕУ. Во текот на нејзиниот мандат, таа драстично ги прошири моќта и амбициите на ЕУ,
започнувајќи големи транзиции, како оние кон зелена и дигитална економија, преиспитување на безбедноста и одбраната на Унијата и зајакнувањето на нејзината економска безбедност, како и заеднички набавки на вакцини и финансирањето на испораката на оружје.
Нејзе и се припишува и заслугата за зајакнатото единство на ЕУ во услови на променет политички пејзаж во Европа и геополитичка неизвесност, чие задржување се очекува да биде главен предизвик за време на нејзиниот веројатен втор мандат.
Сепак засега останува неизвесна поддршката од француската членка на ЕПП, партијата Републиканци (ЛР). Набрзо по официјалната номинација на Фон дер Лајен, носителот на листата на ЛР за европските избори, Франсоа-Ксавиер Белами во интервју за радиото Франс Интер изјави дека партијата нема да ја поддржи нејзината кандидатура за втор мандат на функцијата претседател на Европската комисија.
– Не ја поддржавме во 2019 година. Нема да ја поддржиме ни на претстојните избори, изјави Белами, додавајќи дека пред пет години Фон дер Лајен била „кандидат“ на францускиот претседател Емануел Макрон, чија партија Ренесанса е дел од либералното семејство во ЕУ.
Белами истакна дека она што е постигнато за време на мандатот на Фон дер Лајен „не одговара на она што Европа го очекува денес“, додавајќи дека од 2019 година во Европскиот парламент е формирано мнозинство што го сочинуваат широк спектар на европратеници од „екстремната левица до макронисти“, кои и служеле на „агендата на ограничувања, сложеност и контрола, особено за земјоделските прашања“. – Дојде време ново мнозинство во Европскиот парламент да ги врати работите на вистинскиот пат, потенцира Белами.
ЕПП меѓу продолжување на сегашното или формирање ново мнозинство
Идејата за формирање „ново мнозинство“ во Европскиот парламент не е нова и таа се заговара веќе извесен период особено од десничарските партии, кои предлагаат создавање на мнозинство „десно од центарот“ во која би влегле ЕПП, либералната „Да ја обновиме Европа“ и десничарската Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Според најновите анкети на јавното мислење, ЕПП на евроизборите ќе освои 181 мандат, пред Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 140 и екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) со 92 европратеници.
ЕЦР би била четврта со 83 пратенички места, а „вечно третата“ група на либералите, овој пат ќе се најде на петтото место со 81 пратеник. Натаму следат, групата на Зелените со 49 мандати, пред партијата Левица со 45, додека останатите 44 места би им припаднале на партии кои сега не се членки на ниту една од постојните групации, меѓу кои и се и италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), поранешната членка на ЕПП, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан и двете словачки партии исклучени од СД, Насока – социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и Глас – социјална демократија (Хлас) на претседателот на Парламентот, Петер Пелегрини.
Дополнително, ЕПП очекува да има и 12 до 13 члена во Советот на ЕУ, односно толкав број шефови на држави или влади на членките на ЕУ да доаѓаат од редовите на нејзините партии членки. Оваа бројка, според Баколис, е поголема од бројот на европски лидери на социјалдемократите, либералите и зелените заедно.
Баколис потенцира дека ЕПП останува единствена политичка сила во Европа која „стои против екстремната десница“, што, според него, не е случај со социјалдемократските или либералните лидери
– Политиките на либералите и социјалдемократите и обезбедуваат храна за екстремната десница, смета Баколис.
Тој вели дека партијата сака во идниот состав на институциите на ЕУ да доминира „проевропско, проатлантско и проукраинско мнозинство“, додавајќи дека во новиот 720-члениот Европски парламент ќе може да се обезбедат „здрави елементи“ кои ќе ги поддржат „црвените линии на ЕПП“.
– Мојата претпоставка е дека лидерите на ЕПП ќе обезбедат такво мнозинство во следниот институционален циклус. Мислам дека ЕПП е доволно голема, доволно силна и кооперативна и дека на крајот и кај нашите пријатели ќе ја видите оваа желба за да продолжиме да работиме на политичкиот пат, изјави Баколис.
Европските социјалдемократи на својот Конгрес одржан викендов порачаа дека нема да го поддржат реизборот на Фон дер Лајен, доколку таа добие поддршка од италијанската премиерка Џорџа Мелони, чија Браќа на Италија (ФДИ) е дел од ЕЦР, кои ги сметаат за екстремно десничарски партии.
Сепак, според Баколис, потребно е време за политичко позиционирање и прилагодување, па ќе се види кои партии како ќе се позиционираат.
– Треба да видиме кои се овие политички елементи што ги разликуваат од екстремната десница. Затоа што ако тие гледаат кон нас, во суштина тоа значи дека бараат да се разликуваат од екстремно десничарските елементи, кои не ги карактеризираат проевропски, про-НАТО и проукраински начела, изјави Баколис околу можната соработка на ЕПП со ЕЦР.
Според него, по изборите ќе биде потребно да се обезбеди мнозинство кое ќе овозможи избор на носителите на водечките позиции во ЕУ.
– Она што е најважно, според мое мислење, се нашите политики и нашата суштински центристичка природа. Доминираме во центарот преку нашите политики и преку нашето позиционирање, заклучи Баколис. (МИА)