Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја поздрави одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налози за апсење на двајца руски команданти и изјави дека секој сторител на злосторства мора да знае дека ќе одговара.
„Секој руски командант кој наредува напади врз украински цивили и критична инфраструктура мора да знае дека правдата ќе биде задоволена. Меѓународната правда бара време, но таа е неизбежна. Продолжуваме да правиме се за да се осигураме дека ниту еден руски ѕвер одговорен за убиствата на украинските деца, жени и мажи нема да остане неказнет. И ниту еден број ѕвезди на прерамките или вратите од шкафчето нема да ги спречи да бидат повикани на одговорност“, напиша Зеленски на својот профил на мрежата X.
МКС, претходно денеска, издаде налози за апсење на руските високи команданти, Сергеј Иванович Кобилаш и Виктор Николаевич Соколов, под обвинение дека наводно извршиле воени злосторства меѓу 10 октомври 2022 година и 9 март 2023 година.
„Генерал полковникот Сергеј Кобилаш, кој своевремено време беше командант на руските Воздухопловни сили, и адмиралот Виктор Соколов, кој беше командант на Црноморската флота, се одговорни за воените злосторства за насочување напади врз цивилни објекти и воени злосторства кои предизвикуваат прекумерна штета на цивили или на цивилни објекти“, наведе МКС во своето денешно соопштение.
Оттаму додадоа дека двајцата високи офицери се товарат и за злосторства против човештвото.
Помошникот на претседателот Зеленски, Михаил Подољак, претходно кажа дека налозите за апсење на МКС на двајцата руски команданти имаат „исклучително симболично“ значење.
„Очигледно е дека овојпат Русија апсолутно нема да може да ја избегне одговорноста за воени злосторства со умисла“, најави Подољак