Едногласно и без широка расправа, Комисијата за избори и именувања одлучи да ја предложи Марија Јаническа за директорка на институцијата што треба да оневозможи незаконско прислушување – ОТА.
Таа е дипломиран правник на возраст од 45 години, со работно искуство во Оперативно-техничката агенција и во телекомуникации. Работниот ангажман на нејзиниот сопруг во една странска амбасада не претставува законска пречка.
На огласот се пријавија 21 кандидат. Директор на ОТА сакале да станат тројца од вработените во Агенцијата за разузнавање, тројца од АНБ, петмина од ОТА, професори, инженери и правници.
Меѓу нив, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, поранешниот началник во МВР за компјутерски криминал кој сега работи во банка Марјан Стоилковски, криминалистот Игор Палиќ, ранет при еден од грабежите на Македонски пошти, професорот по одделенска настава на албански јазик Седат Јакуповски, кој работи како инспектор во Агенцијата за разузнавање, професорката по филозофија Даниела Јаковлевски Ѓошоска од АНБ, поранешниот новинар сега антикорупционер Горан Трпеновски и други.
Предлогот на Комисијата се испраќа до Собранието, кое одлучува со дво-третинско мнозинство и со Бадинтерово гласање.
ОТА е без директор веќе два месеци, откако му истече петгодишниот мандат на Ангеловски. Агенцијата е формирана како самостоен државен орган по масовното прислушување и Извештајот на Прибе.
Со спроведените законски измени, голем дел од надлежностите на УБК преминаа во АНБ, а опремата и уредите за прислушување ги презеде ОТА.