Одбојкарската федерација на Македонија денеска организираше четири работилници во рамки на проектот „Финансиска и бизнис писменост на спортисти и на тренери“.
Во изминатите 18 месеци, македонската куќа на одбојката учествуваше во проектот поддржан од Европската комисија, чијшто носител беше Олимпискиот комитет на Словенија, а со партнерско учество и на олимписките комитети на Србија, на Австрија и на Литванија, како и Европската Олимписка Академија.
Во комплексот „Лебедово езеро“ во струмички Ново село, финансискиот советник за спортисти, Миха Урек, одржа предавања на тема како да се управува со паричните средства во текот или по завршувањето на спортската кариера, а со тоа и како да се сочува интегритетот на спортот од обидите да се заработи на неморален начин.
„Спортистот секогаш треба да биде свесен дека остварувањето надвор од теренот е подеднакво важно како остварувањето на теренот“, со овие зборови поранешниот ракометар ја почнуваше едукацијата за вкупно 69-мина учесници на работилниците. Во интеракција со нив, експертот за финансиска стабилност на спортистите ги посочи примерите на неколкумина познати спортисти во Словенија коишто се соочиле со парични проблеми поради лоши инвестиции или несоодветен животен стил, меѓу нив и Примож Козмус – олимписки и светски првак во кладиво и Рашо Нестеровиќ – кошаркар во НБА и освојувач на Евролигата. Урек го посочи и искуството на Борис Бекер, кој иако важи за еден од најдобрите тенисери на сите времиња, беше принуден да прогласи банкрот. Токму затоа, финансискиот советник за спортисти на учесниците на работилницата им зборуваше за победничкиот менталитет, за тоа како да се живее стабилен живот надвор од теренот во екот на најголеми успеси на теренот, за животниот стил генерално, за личните финансии и за преодот од активен спортист во спортски пензионер.
„Задоволство ми е што бев во Македонија и што имав можност да предавам на спортисти од различна возраст. Особена радост ми е што на последната работилница присуствуваа млади спортисти коишто веројатно првпат слушнаа за овие теми и досега воопшто не размислувале за нив. Ова за мене беше прекрасно искуство, се надевам дека чувството е двострано“, изјави Миха Урек, автор на книгата „Победнички менталитет“.