Акциите на европските и на азиските пазари се зголемија во вторникот претпладнето, во Европа поттикнати од добивките на акциите во рударството, но тргувањето беше претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаа да преземаат премногу ризик пред извештајот за инфлацијата во САД и еврозоната.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргуањето порасна за 0,1 отсто, откако во понеделникот благо падна. Лондонски FTSE индекс претпладнето зајакна 0,18 отсто, на 7.698 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,16 отсто, на 17.450 поени, а париски CAC за 0,13 отсто, на 7.940 поени.
Растот на индексот главно се должи на растот на цените на акциите во рударскиот сектор, во просек за 1,2 отсто, како резултат на растот на цените на суровините.
И на повеќето азиски берзи цените на акциите претпладнево пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,2 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,05 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 1,3 отсто. Во Јужна Кореја, пак, паднаа за 0,8 отсто.
Но, инвеститорите се внимателни, меѓу другото, затоа што индексот Dow Jones и S&P 500 се лизнаа од рекордните нивоа вчера на Волстрит. Dow Jones загуби 0,16 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,38 отсто, а Nasdaq индексот 0,13 отсто.
Откако минатата седмица индексите силно пораснаа, благодарение на еуфоријата за развојот на вештачката интелигенција, новата трговска седмица започна со благ пад на цените на акциите.
Индексот S&P 500 се зголеми во 15 од последните 17 седмици, што се случи само еднаш во последните 50 години. Ваквиот долг позитивен тренд е благодарение на шпекулациите дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed) агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од март.
Сепак, откако неодамнешните податоци покажаа дека инфлацијата во САД неочекувано пораснала во јануари, намалувањето на каматните стапки на Fed во март веќе не се ни споменува на пазарот, а изгледите за намалување во мај се избледени. Така, сега преовладува мислењето на пазарот дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки на седницата во јуни.
Шпекулациите за каматните стапки беа потиснати во втор план минатата седмица, бидејќи еуфоријата со вештачката интелигенција го поттикна пазарот откако производителот на чипови „Nvidia“ објави подобри од очекуваните квартални резултати. Сепак, пазарот во последните денови се примири, а фокусот повторно е на економските показатели кои би можеле да влијаат на очекувањата во однос на каматните стапки.
Најочекуваниот извештај за индексот на потрошувачките цени, кој Fed внимателно го следи, ќе биде објавен во четврток. Доколку се покаже дека инфлацијата не попушта како што се проценува, пазарот би можел да се најде под притисок, имајќи предвид дека цените на акциите речиси континуирано растат во последните месеци.