Ракот на грлото на матката во 99,8 проценти е предизвикан од хуман папилома вирус (ХПВ). Во земјава сѐ уште има одбивност од страна на родителите за вакцинирање на нивните деца против ХПВ. Сите девојки што ќе навршат 19 години, можат да ја примат оваа вакцина, а од следната година се очекува таква можност да ја имаат и момчињата.
Доктор Горан Димитров, специјалист гинеколог-акушер од Клиниката за гинекологија и акушерство денеска на средба со новинарите рече дека границата на појава на предракова состојба кај грлото на матката и на инвазивен рак се смалува. Долго време границата била 33 – 34 години, но, како и во светот, така и кај нас, има тенденција да се намалува средната возраст.
Во однос на тоа колкава е бројката на годишно ниво на жени заболени од рак на матката, Димитров рече дека на 100.000 жени, околу 16 до 23 жени имало во последните десет години. Најмладата пациентка била на 14-годишна возраст. Имало и случаи во кои жени никогаш не направиле ПАП или ХПВ тест.
Од Комисијата за имунизација не се задоволни од процентот на имунизација, иако земјава во поширокиот регион, како што беше посочено, има многу подобар опфат.
-Тоа првенствено се должи затоа што први ја воведовме ХПВ вакцинацијата. Цело време сериозно се работи на промовирање на оваа вакцина. Она што нѐ загрижува нас, го покажуваат и бројките, дека немаме рамномерен опфат во нашата земја. Не само за оваа вакцина, може да се види и за други вакцини. Иако морам да кажам, понекогаш помеѓу вакцините тоа варира, во зависност од тоа, првенствено, здравствените авторитети во малите места, морам да кажам дека многу полесно и подостапно комуницираат со своите пациенти. И сѐ уште оној здравствен авторитет кој лекарот го има и треба да го има, е многу полесно достапен во малите места, рече доктор Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.
Според неа, ХПВ вакцината се соочува со голем број на митови и стереотипи, научно неиздржани.
-Еден од нив е дека влијае на репродуктивната способност. Напротив, намалувањето на репродуктивната способност се гледа токму кај оние парови кај кои подолго била присутна ХПВ инфекција. Вакцината не е нова, има искуство од повеќе од дваесет години. Внесена е во 156 земји. Ефикасна и бесплатна, безбедна. На родителите треба јасно да им се каже кога ја носат одлуката, дека ова инфективно заболување доведува до развој на канцер, подвлече Грозданова, нагласувајќи дека помеѓу женските лица од 15 до 45 години, карциномот на грлото на матката е втор, веднаш по карциномот на гради.
Грозданова информираше дека затоа била дадена препорака да се прошири временскиот период на примање на вакцината.
Кога станува збор за вакцинација и ревакцинација во Северна Македонија во 2022 година, во однос на примарната вакцинација, не е констатиран препорачаниот опфат над 95 отсто за ниту една вакцина на национално ниво. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 проценти за сите вакцини и тоа против хепатитис Б, Хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини. Вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од Хуман папилома вирус (ХПВ) во Републиката изнесува 52,5 отсто.
Регистрираниот опфат од 52,5 проценти лани е значително повисок во однос на 2021 година – 35,5 отсто. Тој е повисок од просечниот опфат за петгодишниот период, од 2017 до 2021 година, кој изнесува 47,7 проценти. (МИА)