Кошаркарската репрезентација на Македонија запиша пораз на стартот на eвро-квалификациите против Естонците во СРЦ „Кале“.
Натпреварот кој се одигра пред полни трибини понуди голема борба, а на крајот заврши со гостинско славје од 69-74. На средбата со новинарите по натпреварот се обрати естонскиот селектор Јука Тоијала, кој кажа:
„Честитки до моите играчи, ја одржавме својата форма. Не е лесно да се игра тука, беше тешко во првиот дел. Не можевме да најдеме како да го браниме Димитријевиќ. Потоа направивме одредени промени и навистина сум среќен за тоа што го одигравме во второто полувреме. Среќен сум што почнавме во овој циклус со победа. Не беше лесно ниту пред три години, овојпат Димитријевиќ беше повозрасен. Играше одлично, покажа што знае и се виде напредокот и на репрезенрацијата. Македонија беше слична, а јас сум среќен дека историјата се повтори“.
На прес-конференцијата, покрај селекторот, зборуваше и Сим Сандер Вене, кој ја прокоментира победата.
„Победа е победа, ја исполнивме нашата прва цел. Среќен сум што не ги загубивме главите ниту кога губевме десет разлика. Направивме промени и најдовме начин како да играме во вториот дел. Бевме многу подобри, ја контролиравме топката, не им дозволивме контри и дека бевме моќни под обрачите. Можеби беше грдо, меѓутоа важна е победата“, изјави Вене.