Македонија претседателски избори 2024

Смаиловиќ: Подобар живот на сите граѓани и зајакната кохезија во државата

Од предизборната кампања очекува „да одекнува гласот на патриотизмот и тоа да биде главна алатка во обидите да се освојат гласови“, но, рече, за неа патриотизмот е подобар живот на секој поединец.

Смаиловиќ: Подобар живот на сите граѓани и зајакната кохезија во државата

Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) е кандидатка за претседател на Република Северна Македонија на Претседателските избори 2024. Доаѓа од приватниот сектор, во јавноста е позната како граѓанска активистка во борба за човековите права.

На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.

-Впрочем, својот активизам сум го докажала и партијата со своите заложби докажала дека нашите напори ќе бидат за сите граѓани на оваа држава… Мојата замисла и замислата на партијата е оваа кампања да ги претстави сите важни проблеми и предизвици коишто ги имаат граѓаните на нашата држава и да понудиме реални решенија коишто ќе бидат вистинити и функционални, а не само политички памфлети коишто ќе го поминат денот. Наша цел во текот на кампањата е да ги слушаме граѓаните, како што ги слушавме во изминатиот период, и да одговориме на нивните наједноставни прашања кои го засегаат нивниот живот. Да го направиме животот подобар за сите нив и да нудиме перспективи коишто ќе го направат многу поедноставен животот и многу поприфатлив. Мојата идеја на внатрешен план е да ја зајакнеме кохезијата, а на надворешен план да ги зајакнеме добрососедските односи и односи со нашите стратешки партнери, но да се водиме исклучиво од тоа што е во интерес на граѓаните, истакна Смаиловиќ.

Од предизборната кампања очекува „да одекнува гласот на патриотизмот и тоа да биде главна алатка во обидите да се освојат гласови“, но, рече, за неа патриотизмот е подобар живот на секој поединец.

-За мене патриотизмот во најширока смисла е борбата секој мој сограѓанин, секој мој пријател, секој мој близок да живее подобро од денес и да се чувствува дека припаѓа на оваа држава и дека е почитуван од оваа држава. Тоа е вистинска смисла на патриотизмот којшто сите ние го чувствуваме во себе, рече Смаиловиќ и ги повика сите граѓани, како што рече, „заедно да го изодиме тој пат и да создадеме амбиент во кој вреди да се биде дел од оваа наша прекрасна држава“.

Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) Мунир Колашинац смета дека политичките партии на помалобројните заедници можат да бидат вистински генератори на општествените промени и затоа, рече, и на последните локални избори БДС имаше свој кандидат за градоначалник на Скопје и за други градови.

-Денес во пресрет на закажаните Претседателски избори испишуваме историја и претставуваме наша кандидатка за претседателка на земјава. Испишуваме историја затоа што Мерсиха е прва кандидатка за претседателка на земјава од бошњачката заедница. Таа на јавноста и е добро позната поради својот повеќедециниски активизам за човекови права и на унапредување на правата на жените. Со нејзината кандидатура за претседателка ние само доследно го правиме она што многумина зборуваат, а во кое за жал, и не веруваат, а тоа е дека припадниците на помалобројните заедници освен што го имаат правото да гласаат, односно да избираат, го имаат и правото да бидат избрани, подеднакво како и сите останати граѓани во ова наше убаво мултиетничко општество. И во тоа е убавината и богатството на нашето заедничко живеење, додаде Колашинац.

На новинарско прашање одговори дека очекуваат и, како што рече, убедени се дека за седум дена ќе ги соберат потребните 10 000 потписи за поддршка на кандидатурата на Мерсиха Смаиловиќ. Рокот за собирање потписи тече од денеска и завршува на 8 март.

Најнови вести од Македонија

To top