„Фондацијата Новак Ѓоковиќ“ во својот проект „На пат на шампионот“, е посветена на децата во спортот, нивните родители и тренери, продолжи да се шири во регионот, со цел да им помогне на родителите на децата во спортот на адекватен начин да одговорат на нивните потреби и да ги поддржат низ сите предизвици.
Во првата панел дискусија организирана во Македонија пред преполната сала во хотел “Холидеј Ин“, бепе насловена како „Чиста Мотивација“.Настанот кој успешно беше организиран беше дело и на мг. Даријан Трајанов кој заедно со фондацијата го организираа овој настан во нашата држава.
Учесници во дискусијата беа најдобриот македонски и светски ракометар и актуелен селектор на Ракометната репрезентација на Северна Македонија, Кирил Лазаров, познатиот и истакнат кардиохирург и алпинист проф. д-р Сашко Кедев и олимписката репрезентативка во карате и основач на спортска школа за деца, Пулексенија Јовановска.
По успешниот настан поразговоаравме со Даријан кој не го криеше задоволството од успешно реализираниот проект .
Даријан, Вие сте магистер по јавно здравје и човек кој што долго време работи и се залага за промоција на здравјето, спортот и спортските вредности во напата држава.Колку е тоа важно за Вас и колку ве исполнува самата работа околу која сте ангажирани?
- Kако магистер по јавно здравје, едукатор и промотор во областа на здравјето и спортот повеќе од 6 години работам напорно во делот на промоција на здравјето, спортот и спортските вредности се со една цел: да ги поттикнам институциите, луѓето, младите, спортистите, родителите и сите останати да бидат свесни за важноста на здравјето, за големата улога на спортот во развојот на еден поединец и промоција на една нација, но и значењето на промоција на здравјето за социо- економски развој на општеството. За мене од голема важност на патот на реализирање на одредена цел се едукацијата и образованието. Не можеме да се фокусираме на успех, ако притоа не вложуваме во своето образование и како држава и како поединици. Работејќи сите овие години во интерес на унапредување на здравјето, спортот, здравствената и спортска едукација преку давање на иницијативи и организација на оnline едукации – мастеркласови од областа на спортската психологија, исхрана, спортска исхрана, физичка подготовка, објавени научни трудови, имам можност да се запознавам и соработувам со врвни светски имиња од областа на спортот, јавното здравје, фитнесот, спортската психологија и нутриција. Создавањето на контактите и уште поважно одржувањето на тие контакти имаат голем придонес во мојот личен и кариерен развој.Голема улога во мојот процес на созревање како професионалец во својата област, но и како човек имаат: превземањето на одговорност, самодисциплината, самодовербата, одлучноста,храброста, превземањето на ризик, но и желбата да се биде подобра верзија од себе секој ден.
На 11 февруари заедно со Фондацијата Новак Ѓоковиќ организиравте настан во рамки на нивниот програм за родители во спортот – Патот на Шампионот за прв пат во Скопје и во Македонија.Од каде потекна идејата и иницијативата за реализација на еден ваков голем и важен настан?
- Во Македонија недостасуваат настани од овој карактер кои што ќе имаат за цел промоција наспортот, здравјето, спортската едукација, инспирација и поттикнување на младите и луѓето да се занимаваат со спорт и спортски активности. Од секогаш силно посакував да организирам настан кој што ќе има за цел да ја истакне важноста на спортот и неговата улога во развојот, начинот на воспитување и созревањето на еден поединец и општество. Сето ова што јас го замислував и посакував одлично се вклопи во програмот за родители на спортисти на Фондацијата Новак Ѓоковиќ – Патот на Шампионот креиран од страна на Ана Јовановиќ. По претходна комуникација со Фондацијата и презентирање на моите цели и идеи во поглед на спортот и здравјето со акцент врз младите, тие ја прифатија мојата иницијатива и предлог за заедничка организација на ваков настан за прв пат во Скопје.Во оваа прилика би сакал да изразам огромна благодарност до Фондацијата и авторот на овој програм – Ана Јовановиќ, за укажаната доверба и можноста за организација на овој панел со наслов – ‘’Чиста мотивација’’, a исто така би сакал да се заблагодарам и на нашите гости кои не удостоија со своето присуство и дебата а тоа беа Кирил Лазаров, Пулексенија Јованоска и проф др. Сашко Кедев кои ја прифатија поканата и одлично дебатираа на оваа тема и ги пренесоа своите искуства .На настанот можеше да се забележи дека присуствуваа голем број на луѓе. Присутни беа луѓе од сите возрасти, родители со деца, спортисти, тренери. Сето ова беше навистина убаво да се види на едно место.
Како Вие го доживеавте настанот, дали сте задоволни од самата реализација и од очекувањата кои ги имавте пред настанот ?
- За мене ова беше посебен ден, посебен датум кој засекогаш ќе го паметам. Сето тоа што некогаш силно сте го посакувале, сте се надевале, напорно сте работеле, сте сонувале – станува ваша реалност. Реалност која што сплотува. На овој настан имаше навистина голема бројка на присутни и тоа од сите генерации. По завршувањето на настанот голем број од луѓето кои беа пристуни ме контактираа со цел да ми кажат дека, по настанот заминале среќни, исполнети, инспирирани и мотивирани да продолжат храбро кон својата цел, да бидат добри родители, да бидат најдобрата верзија од себе, да веруваат во сопствените квалитети, да не се плашат да превземат ризик, да го сакаат спортот и да вложуваат во сопственото здравје. Ова ме направи посебно горд и среќен што заедно со Фондацијата Новак Ѓоковиќ и врвните панелисти успеавме да ги инспирираме и поттикнеме луѓето да се движат по патот на Чистата мотивација.
Даријан со оглед на тоа што на овој настан беа присутни голем број на родители кои беа дојдени со своите дечиња, дали сметате дека родителите имаат главна улога во создавањето на еден шампион – не само во спортот, туку и во животот целосно?
- Семејството е основата на човековото постоење. Семејството е тоа кое што ја дава најголемата поддршка, почит, љубов, внимание, мотивација и инспирација. Децата учат од своите родители, родителите се идоли на своите деца. Шампион не е само човек со кренат трофеј во рацете, шампионот е нешто повеќе од тоа. Шампион е човекот со вистинските животни вредности, со емпатија кон другите, да има доблест да ги признае грешките, да прифати да учи од неуспесите, да подаде рака на послабите, да ја признае победата на подобрите, но да не се откаже од својот пат и целите, да се почитува себе си и останатите. Сето ова се учи во кругот на семејството и заради тоа сметам дека родителите имаат главна улога во создавањето на шампиони не само во спротот, туку и во животот. Би сакал да ја искористам оваа прилика јавно да се заблагодарам на моето семејство – моите родители и мојот брат за огромната поддршка која што ми ја пружаат сите овие години и за тоа што силно веруваат во мене.
Дали е ова еден убав почеток на повторно реализирање на настани од ваков карактер кои ќе инспирираат, мотивираат и поттикнуваат на спорт, здрав живот и вистински животни вредности?
- – Секако дека да, мојата цел е да продолжам и понатаму вредно и напорно да работам во промоција на спортот, здравјето и вистинските животни вредности преку организација на настани од овој тип кои ќе инспирираат и мотивираат се поголем број на луѓе да го одберат спортот како еден здрав начин на развој и да веруваат во себе! Во оваа прилика би сакал да ги повикам сите институции и компании кои работат во полето на спортот и промоција на здравјето да бидат отворени за соработка и заеднички да пристапиме кон превземање на активности кои имаат за цел поттикнување на младите и луѓето да се занимаваат со спорт, да работат на своето здравје и својот личен развој. На овој начин сите заедно ќе придонесеме за создавање на шампиони не само во спортот, туку и во животот. Шампиони кои што ќе бидат амбасадори на нашата нација и држава.
Која порака би сакале да ја пренесете до младите, но и до сите луѓе ?
- За да ја постигнеме целта која што ја посакуваме, важно е да бидеме подготвени да се соочиме со секој предизвик, да бидеме истрајни, упорни, да веруваме во себе и да не се откажуваме од своите соништа. Секој сон може да го оствариме, но важно е да работиме на тоа. Да, ќе има денови кога ќе ни биде тешко, кога ќе си помислуваме – ,,дали е ова за мене’’, но вистнинскиот шампион продолжува напред, не се откажува и силно верува во себе и во своите можности, без притоа да ги повреди останатите на патот на реализирање на сопствената цел! Никогаш не се откажувајте, верувајте во себе и надградувајте го сопственото знаење – нагласи Даријан на крајот од нашиот разговор.