Седум повредени во тешката сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип – Кочани се пренесени во Општата болница во Кочани.
Возилата на Итната помош за краток период пристигнале на местото на несреќата во близина во атарот на селото Жиганци и по првичната интервенција, повредените биле згрижени на одделенијата во болницата.
– Нашите лекари сè уште ја утврдуваат здравствената состојба и степенот на повредените кај лицата. Дел од нив, кај кои се констатирани посериозни повреди, веќе се препратени за натамошен третман во болниците во Штип и Скопје. За останатите, кои се во стабилна состојба, потребни се дополнителни испитувања, по што ќе биде познато дали ќе останат кај нас, истакна Душанка Горгиева Трпевски, директорка на Општата болница со проширена дејност од Кочани.
Претходно од полицијата потврдија дека со сообраќајката има две загинати лица, но нивниот идентитет не е соопштен.
Според првичните сознанија, во сообраќајната несреќа учествувале три патнички возила, односно „голф“ со кочански, „ситроен“ со винички и „сеат“ со скопски регистарски ознаки.
Во моментот трае увидот од страна на истражните органи, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат Штип – Кочани и обратно.