Хрватската компанија за електрични возила „Rimac“ откри дека на 7 октомври оваа година, на тест патеката кај Папенбург во Германија, моделот „Rimac Nevera“ го соборил светскиот рекорд за возење со најголема брзина – наназад! Конечната измерена брзина беше 275,74 км/час.
Технолошки вакво нешто е многу лесно возможно, бидејќи како „Nevera“ се вози со поединечен мотор на секое тркало, тие работат исто без разлика дали автомобилот се вози напред или назад. Ограничувањето е само аеродинамиката, а потенцијалната опасност е стабилноста на возило кое не е дизајнирано за големи брзини при возење во рикверц.
Зад воланот на „Nevera“ беше Горан Дрндак, кој вака го опиша чувството:
– Дефинитивно ми требаше малку време да се навикнам на возењето во рикверц. Свртени сте наназад и ја гледате брзината на пејзажот сè побрзо и побрзо, чувствувате дека вратот ви е повлечен нанапред – речиси истото чувство што вообичаено би го добиле при силно сопирање. Внимателно го движите воланот, внимавајќи да не ја нарушите вашата рамнотежа, внимавате на траекторијата и сопирате низ ретровизорот, притоа внимавајќи на вашата брзина – изјави тест-возачот на „Rimac“.
Овој малку чуден рекорд го призна и Гинисовата книга на рекорди, исто како што беше признат оној од август кога „Nevera“ го собори рекордот за најбрз електричен автомобил на познатата патека Нирбургринг Нордшлајф, со Мартин Кодриќ зад воланот.