Поранешниот пакистански премиер Имран Кан денеска од затвор прогласи победа на општите избори во земјата, преку аудио-визуелна порака направена со помош на вештачка интелигенција.
Во пораката објавена на X, Кан го отфрли тврдењето на неговиот ривал, поранешниот премиер Наваз Шариф, за победата на неговата партија ПМЛ.
Кан ги повика своите приврзаници да ја прослават постигнатата победа, и покрај, како што вели, пресметката со неговата партија.
Независните кандидати поддржани од Кан освоија најмногу гласови на вчерашните избори, и покрај тоа што тој беше во затвор и неговата партија беше забранета на гласачките ливчиња.
Претходно денеска Шариф објави дека неговата партија Пакистанската муслиманска лига победила на парламентарните избори во земјата, но не откри колку пратенички места освоила.
Резултатите што ги објави изборната комисија покажуваат дека ПМЛ освоила 42 пратенички места, што е многу помалку од потребните 133 за да се добие правото за формирање влада.
Кан (71) е осуден на 10 години затвор за оддавање државни тајни и на 14 години затвор заедно со неговата сопруга за корупција, односно нелегална продажба на државни подароци.
Тој се уште се соочува со околу 170 обвиненија во различни случаи, велат неговите адвокати. (МИА)