-Меѓу светлите ликови на борци – револуционери, кои во текот на народноослободителната борба ги даде Куманово посебно место му припаѓа на легендарниот командант Христијан Тодоровски Карпош. Христијан растеше и се формираше во револуционерно Куманово, кое меѓу двете светски војни зазема видно место во комунистичкото и синдикално движење во Македонија. Роден е на трети септември 1921 година во Куманово, се школува во Куманово. Учествува во штрајкови и бројни акции за прибирање на оружје и подготовки за вооружена борба. Во текот на НОВ, прераснува во свесен револуционер, неговата легендарна храброст доаѓа како резултат на длабокото спознавање на целите за кои се бори партијата и работничката класа. Христијан е командант на Козјачкиот партизански одред. Кумановскиот партизански одред е формиран 1943 година, а за командант бил избран Христијан Тодоровски Карпош. Тој водел значајни борби и загинува на денешен ден во 1944 година во село Биљача, прешевско, рече кустосот во НУ Музеј Куманово, Фросина Лазаревска.
Манифестацијата продолжи со разгледување на историската постојана поставка во спомен куќата.
Традиционалниот настан, со кој се одбележаа 80 години од згаснувањето на животот на легендарниот козјачки командант, кон крајот на Втората светска војна (во 1944 година, кај месноста Билјача, Прешево во Србија), го организираше Општинскиот одбор на Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓани продолжувачи на историските вредности од Народноослободителната борба во Македонија. Во чест на 80 годишнината тие организираа и свечена академија во центарот за култура.
Куќата музеј на Христијан Тодоровски Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Изминатиов период, 2018 и во 2019 година со средства обезбедени од Министерството за култура, спомен куќата беше реновирана, а музејската поставка беше обновена со значајни историски експонати. Музејот е отворен за посетители секој работен ден.
Националната установа Музеј Куманово во чест на 80 години од смртта на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош ги отвора вратите за сите посети во спомен-куќата посветена на кумановскиот херој, соопштија денеска од Музејот. Во февруари посетата на спомен-куќата е бесплатна и со обезбеден водич од установата во чест на 80 годишнината од загинувањето на херојот.
Христијан Тодорвски Карпош за народен херој бил прогласен на 29 јули 1945 година и тој еден од осумте народни херои на Куманово.