Возраста за пензионирање во Велика Британија ќе мора да се зголеми на 71 година до 2050 година за да се одржи рамнотежа во пензискиот систем на земјата, објави британскиот огранок на Меѓународниот центар за долговечност (ИЛЦУК).
Повеќето од земјите кои добро се справуваат со индексот на здраво стареење на истражувачкиот центар, како Обединетото Кралство, „имаат брзо стареење на населението“, што значи дека процентот на работоспособни луѓе во општеството се намалува, објави АлЏезира Балканс.
Во островската земја старосната граница за пензионирање ќе треба да се зголеми на 70 или 71 година, во споредба со сегашните 66, за да се задржи сегашниот сооднос на бројот на вработени и пензионери, заклучува ИЛЦУК во своето истражување.
Обединетото Кралство плаќа државна пензија, која моментално во просек изнесува 238 евра неделно, а повеќето британски пензионери добиваат и приватна пензија. Возраста за пензионирање во Велика Британија моментално е 66 години, но треба да се зголеми на 67 години меѓу 2026 и 2028 година и на 68 години од 2044 година.
Во Франција минатата година старосната граница за пензионирање беше зголемена од 62 на 64 години. Иако продолжувањето на работниот век е едно од решенијата, истражувањата покажуваат дека „на седумдесетгодишна возраст само 50 отсто“ од луѓето се способни за работа, се наведува во извештајот.
Затоа, ИЛЦУК ја повикува владата да се фокусира на спречување на здравствените проблеми, не само кај постарите, туку и кај оние на работоспособна возраст. Во Велика Британија за време на пандемијата значително се зголеми бројот на луѓе кои не можат да работат поради хронични заболувања.