Македонија Последната битка на војводата ПатчЕ

Михаил Патчев, правнук на војводата Методи Патчев, за МИА: На лицата им се огледало самозадоволство од подвигот, ни малку страв од смртта

7 април 1902 година по новиот календар. Пукањето престанало. Турците го очекувале својот „најсреќен миг“ – востаниците да излезат и да се предадат со кренати раце. Напротив. Никој не излегувал, не се слушале човечки гласови. Турците го пратиле заменикот на коџобашијата да види што е со комитите. Имало што да се види. Построени мртви комитите ѝ оддавале последна почит на Македонија, без трага на страв. На лицата им се огледало самозадоволство од подвигот. Тоа била трогателна, а воедно и восхитувачка глетка. Во тој миг во кулата како на едно место да се нашла цела Македонија – раскажува за МИА, правнукот на војводата и историчар Михаил Патчев. Покрај Методија – 27-годишен учител од Охрид, се саможртвувале и Арсение (23), Стефан (34), Ѓорѓи (20), Рафаел (23), Коте (23) и Коста (40).

Михаил Патчев, правнук на војводата Методи Патчев, за МИА: На лицата им се огледало самозадоволство од подвигот, ни малку страв од смртта

Само што отседнал Методија Патчев со четата во Кадино Село, шпиони ја известиле турската власт во Прилеп за неговиот престој и Османлиите тргнале да го ликвидираат… Неговата глава била проценета на стотици турски лири. Од друга страна, и врховистите барале начин да му се одмаздат поради убивањето на двајца нивни луѓе. Тој ден бил верски празник – Благоец, така што целото село било в црква. Патчев со четата останал во старата куќа, со намера вечерта да покрсти нови членови. Меѓутоа, околу пладне дошол многуброен аскер.

Последната битка на војводата Патче, на 7 април 1902 година, и саможртвата на неговата чета, важи за една од најлегендарните битки на Македонската револуционерна организација. За и околу настаните, за МИА раскажува праправнукот на Методија – магистерот по историски науки, Михаил Патчев.

ПОСЛЕДНАТА БИТКА НА МЕТОДИЈА ПАТЧЕВ

Во 1901 година Гоце Делчев го обиколил Битолскиот револуционерен округ а Патчев бил ослободен од затвор. Таа обиколка на Гоце му била една од најдолгите и најплодните во неговата револуционерна дејност. На 23 октомври 1901., во присуство на Гоце Делчев се одржало заседание на Прилепскиот реонски комитет во поширок состав, во просториите на трикласното училиште во Прилеп. Препорачано било за војвода да се повика Методија Патчев. Гоце ја прифатил таа измена како неопходна и зел обврска, при престојот во Битола, да настојува пред Окружниот револуционерен комитет, Патчев да пристигне во прилепската околија што поскоро. Во ноември, Патчев бил поставен за војвода на Прилепската околиска чета. Веднаш почнал со агитационо-револуционерната дејност, каде што дошле до израз и неговите ораторски способности.

                                                                                                 Михаил Патчев до бистата со ликот на својот прапрадедо

 

– Просто ги пленувал срцата на луѓето, така убедливо го повикувал народот на револуционерна борба, што луѓето од восхит и револуционерен занес плачеле – истакна историчарот Патчев.

Тој натаму вели дека гласот за револуционерната дејност на Методија и неговата чета стигнала и до султанот во Цариград. Кај Кадино Село, според наводите, дента аскерот броел, веројатно – до 500 вооружени луѓе. Следниот ден Турците ја опколиле кулата.

Четата претходно не била известена за доаѓањето на аскерот, но и немало можност да се избега поради полето. Седуммина востаници од кулата се бореле против многуброен непријател. Главна цел била да не се трошат напразно куршумите. Целта на аскерот била живи да се фатат комитите, за да се извести султанот за постигнатиот успех и да се добие награда и унапредување на службата. Малата чета јуначки се борела сѐ до 7 април (нов календар) или 25 март (тогаш) 1902 година. Во текот на последната борба, Методија бил свесен дека секаква друга одлука, освен колективно саможртвување, не доаѓа предвид. Уште во екот на борбата било договорено секој комита за себе да си остави по еден куршум. И кога ги потрошиле куршумите, сите херојски се саможртвувале, упатувајќи го последниот куршум секој кон себе.

Пукањето престанало. Турците го очекувале својот „најсреќен миг“ – востаниците да излезат и да се предадат со кренати раце. Напротив. Никој не излегувал, не се слушале човечки гласови. Турците го пратиле заменикот на коџобашијата да види што е со комитите.

– Имало што да се види. Построени мртви комитите ѝ оддавале последна почит на Македонија, без трага на страв. На лицата им се огледало самозадоволство од подвигот. Тоа била трогателна, а воедно и восхитувачка глетка. Во тој миг во кулата како на едно место да се нашла цела Македонија – појасни историчарот.

Ги изнеле мртвите комити пред кулата. Разлутените турски војници им се нафрлиле и сакале да им ги унакажат лицата. Командантот на војската, Нијази-бег (покасно деец на Младотурската револуција) ги запрел. Тој истакнал дека тоа се херои, кои храбро се бореле за својата идеја и треба да им се оддадат воени почести. Потоа под негова команда, со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале чест на мртвите македонски јунаци.

                                                                                                    Михаил Патчев до гробот на својот прапрадедо

Покрај Методија Патчев – 27-годишен учител од Охрид, се саможртвувале и Арсение (23), учител од с. Козица, Кичевско, Стефан (34), Ѓорѓи (20) од Демир Хисар, Рафаел (23) од Демир Хисар, Коте (23), кројач од Битола и Коста (40), земјоделец од с. Долгаец, Прилепско.

Историчарката Виолета Ачкоска за МИА потврди дека, како и во многу други – и во овој случај, коренот на проблемите е предавство. Но, таа има и поинаква приказна за саможртвата.

– Во пролетта 1902 г. како жртва на уште едно предавство заврши животот на Методија Патчев, учител, комита, војвода, храбар, дисциплиниран и бескомпромисен во извршувањето на задачите на Македонската револуционерна организација, еден од најцврстите македонски револуционери. На 7 април 1902 (25 март ст.стил), во прилепското Кадино Село била опколена куќата каде седумтемина комити држеле конспиративен состанок. Полицијата преку своите доушници разбрала за присуството на четата и веднаш испратила вооружени сили. Започнала нерамна борба меѓу македонските револуционери и неколку стотини османски војници од жандармеријата и башибозукот. Револуционерите покажале незапамтена храброст, војничка подготвеност и силен дух. На крајот, самите си ги одзеле животите. Претсмртниот ритуал започнал со кршење на пушките. Потоа војводата со револвер ги застрелал своите другари кои паѓале, двајца по двајца братски прегрнати. Пред самата смрт, Патчев излегол од засолништето со две бомби и ги фрлил врз аскерот. Потоа се вратил кај своите мртви другари и со истрел во устата си го одзел животот. Така завршил и последниот чин на саможртвената драма со клетвата „Смрт или слобода“. Вечна им слава! – изјави проф. Ачкоска.

Сите седуммина комити биле закопани кај црквата „Света Богородица“. Подоцна жителите од Кадино Село ги преместиле кај другите гробишта во заедничка гробница. Им изградиле и споменик.

– Генерации нови македонски револуционери се напојувале од светлите традиции на македонската револуција. Херојската смрт на кадиноселскиот херој е логичен крај на неговиот живот. Неговиот живот била Македонија. Докажал и покажал како се жртвува за татковината. Мене, како член на фамилијата Патчеви и носител на фамилијарните вредности коишто ги има оваа фамилија, чест и задоволство ми е што пишувам за еден од најпознатите револуционери во македонската национална историја – Методија Патчев! – нагласи неговиот потомок.

Смртта на Методија Патчев значи живот – и крај каков што сакал, како што му прилегал на секој народен револуционер. Кадиноселската драма и епопеја значи почеток на вечниот живот на бесмртните, на нејзиниот јунак Методија Патчев.


ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ПАТЧЕВ

Методија Патчев е една од најмаркантните личности од периодот на македонската револуционерна борба. Тој бил застапник на Гоцевите принципи на ВМРО, а противник на внатрешниот и надворешниот врховизам. Методија Патчев бил револуционер чија дејност ја одобрувал и легендарниот идеолог на ВМРО, Гоце Делчев.

Епопејата во Кадино Село се одиграла во бурната 1902. – повеќе од една година пред Илинденското востание. Тоа, според историчарот, е една причина што за погибијата на Методија Патчев и неговата чета релативно малку е пишувано, и покрај тоа што се работи за првата групна саможртва на македонска револуционерна чета – по востановувањето на Четничкиот институт на Делчев.

Методија Патчев води потекло од една од најпознатите и најстарите фамилии во градот Охрид. Фамилија којашто ги чувала своите традиции и специфики, а со самото тоа успеале да ги негуваат до денес. Меѓу главните одлики за зачувување на вековните традиции се фамилијарното стебло, коешто датира приближно од 1780 година и негувањето на вековната куќна слава „Пренесување на моштите на Свети Јован Златоуст“, што и денес е главна специфика за членовите на пошироката фамилија Патчеви – раскажува праправнукот на Патчев.

Методија Патчев е роден на 20 мај 1875 година во Охрид, како син на Јаќим и Марија, кои важеле за чесни, трудољубиви и вредни луѓе, говорат спомените. Јаќим се занимавал со рибарство – занает што се пренесувал во семејството со поколенија. Сепак, поради тешките економски услови кон крајот на XIX век, оваа дејност не обезбедувала доволно приходи за семејството, па таткото не сакал децата да го наследат. Затоа ги насочил кон други занимања, додека најмалиот син Методија го испратил на училиште.

Така, Коста и Сандре требало да го учат ќуркчискиот (крзнарскиот) занает, додека Никола не го сакал тоа, зашто „душата ќе му смрдела на штавени кожи“, како што вели нашиот соговорник. Ќерката Вета, пак, таткото ја оставил дома, да ѝ помага на мајка ѝ.

Методија го почнал своето образование во Охрид, но поради трошоците, по завршувањето на четирикласното основно училиште, прекинал со одењето на школо, по што работел различни работи за да помогне во семејството – и во ќуркчиски дуќани и како рибар со татко му. Момчето го посетувало и неделното, училиште каде што се ширеле идеи за национално ослободување. Токму таму се запознал со идеите на ВМРО, коишто силно влијаеле врз неговиот развој и го поттикнале да се вклучи во револуционерната дејност.

Љубовта кон книгата не згаснала. Со заштедени пари, Методија во 1886 година го напуштил родниот град под Самоиловите тврдини и заминал  во Солун и Софија во потрага по помош за образование. Се запишал во училиште во Самоков, каде што покрај наобразбата, учествувал и во револуционерните кружоци, запознавајќи се со идеи и со личности како Гоце Делчев.

Поради финансиски тешкотии, Методија повторно го напуштил школото и се вратил во Охрид. Таму, иако без формално образование, станал учител и почнал активно да работи на револуционерната идеја и будењето на националната свест меѓу народот. Големо влијание врз него имал неговиот сограѓанин Христо Узунов, со кого заедно работеле на ширење на револуционерните идеи.

Бистите на Методија Патчев (десно) и Христо Узунов во Градскиот парк во Охрид, откриени на 2 август 1974 г., изработени од вајарот Рашко Муратоски

За време на учителствувањето на Патчев во селото Ехлоец, Кичевско, во Охрид починала мајка му. По тој повод од Бугарија се вратиле и неговите тројца браќа, за да го решат наследството од нивните родители. Својот дел од готовината, Методија ѝ го дал на Организацијата. Според Михаил Патчев, војводата рекол: „Зошто ми се пари!? Една глава – една шија“. Се чини, всушност, имало каде да ги потроши тие пари, но за него, Организацијата била над сѐ, па затоа скромното наследство ѝ го отстапил на својата „најголема мајка“ – Македонија.

Според историчарот, еден од најзначајните настани во животот на Методија било учеството во ликвидацијата на Димитар Грдановиќ – претставник на големосрпската пропаганда во Охридско. По убиството на неславниот Грдан во август 1898., Методија бил уапсен и осуден на затвор.

– Атентатот бил разгледуван од турските власти од крајот на 1898. до април 1899 година. Неговите другари Судот ги ослободил поради немање докази за нивното учество во убиството на Грдан, а Методија бил осуден на 15 години затвор. И за него Судот немал други докази, освен гласините што произлегле од Ката Смилева, но тоа било доволно за да се донесе таква одлука – објасни Михаил Патчев.

Во битолскиот затвор, и покрај суровите измачувања, кај Методија Патчев не се појавила никаква слабост. И меѓу затворениците, тој ги ширел револуционерните идеи, ценејќи го кај нив коренитиот силен дух и нивната македонска национална самосвест. Турските власти не го оставиле Методија да лежи в затвор докрај, вели неговиот потомок, бидејќи не го признал убиството на Грдановиќ, а бил само осуден под сомнеж. Методија бил помилуван и ослободен на 31 мај 1901 година.

 

Најнови вести од Македонија

To top