Доскорешниот селектор на романската фудбалска репрезентација, Мирчеа Луческу, доживеал срцев удар во болницата каде се лекува во Букурешт, јавија денеска локалните медиуми.
Луческу, кој вчера го напушти кормилото, е во стабилна состојба.
Искусниот 80-годишен тренер беше примен во болница во неделата откако му се слоши на тренинг поради проблеми со срцето, три дена откако Романија загуби со 1-0 од Турција во полуфиналето на плејофот за Светското првенство.
Универзитетската болница во Букурешт денеска објави соопштение, без да го наведе идентитетот на Луческу, но локалните медиуми објавија дека станува збор за него.
„Во текот на утрото, пациентот имаше акутен миокарден инфаркт. Веднаш ја доби целата потребна медицинска и терапевтска помош. Неговата состојба во моментов е стабилна и е под надзор на специјалист. Пациентот останува на одделот за кардиологија, каде што добива соодветна медицинска нега“, се наведува во соопштението на болницата. (МИА)