Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека разговарал со претставниците на Администрацијата на претседателот Доналд Трамп за безбедносни гаранции за Украина, како и за учество на европските партнери во тој процес.
„Детално разговаравме со Стив Виткоф, а ни се придружија и Џаред Кушнер, Линдзи Греам и Марк Руте. Разговаравме за зајакнување на дипломатијата, можните чекори, како и за безбедносните гаранции и улогата на Европејците“, рече Зеленски во неговото видеообраќање пред нацијата.
Според него, разговорот бил позитивен и било договорено зајакнување на безбедносните гаранции.
„Украина мора да добие сигурна безбедност и тоа е главната задача“, истакна Зеленски, додавајќи дека е важно да се знае како партнерите ќе реагираат во случај на нова руска агресија и што ќе ја одврати Русија од понатамошни дејствија.
Клучното прашање, според него, останува како и за што ќе се разговара со Русија во иднина.
Претходно Зеленски изјави дека Москва наводно бара Украина да ги повлече своите сили од Донбас во рок од два месеца по што, според него, војната би можела да заврши. „Ако Украина не се повлече, Русија планира понатамошни освојувања и нови услови“, рече тој. (МИА)