Како што пишува „ЕСПН“, Леброн Џејмс би можел да го напушти Лос Анџелес Лејкерс, а како една од најинтригантните опции се споменува преселба во Колорадо, односно во тимот на Денвер.
Тоа би значело играње со Никола Јокиќ – тандем што би можел да ја одбележи модерната ера на НБА.
Одлуката на Џејмс да ја активира опцијата во договорот за сезоната 2025/26 отвори бројни прашања околу неговата иднина, па дури и околу тоа дали воопшто ќе ја продолжи кариерата. Неговиот агент, Рич Пол, јасно порача дека Леброн сака уште една реална шанса за шампионска титула, иако во Лос Анџелес веќе се наѕира план за иднина без него.
И покрај тоа што има 41 година, Џејмс сè уште игра на високо ниво, со просек од околу 21 поен, шест скока и седум асистенции по натпревар, дополнети со повеќе од една украдена топка. Овие бројки покажуваат дека крајот на неговата кариера можеби не е толку блиску како што многумина претпоставуваат.
Фактот што Леброн потенцијално би можел да стане слободен агент без јасен план, дополнително ги засили шпекулациите. Освен останување во Лејкерси, како можни дестинации се споменуваат Голден стејт, враќање во Кливленд, преселба во Њујорк, Лос Анџелес Клиперс, како и веќе споменатиот Денвер.
Токму опцијата со Нагетси предизвикува најголемо внимание. Многумина во лигата сметаат дека Јокиќ е единствениот играч со кошаркарска интелигенција споредлива со онаа на Леброн, што значи дека нивната соработка би можела да резултира со еден од најдоминантните тандеми во историјата.
Во такво сценарио, Денвер веднаш би се наметнал како главен фаворит за титулата, со состав во кој покрај Јокиќ би биле и Џамал Мареј и Арон Гордон. За Џејмс, тоа би можела да биде идеална шанса да ја заокружи кариерата со уште еден шампионски прстен.
Интересно е што Денвер веќе покажа интерес за Леброн уште во 2018 година, кога тој го напушташе Кливленд. Тогаш, идејата не се реализираше, иако Џејмс има добри односи со сопственикот на клубот, Џош Кренк.