Фудбалската репрезентација на Косово не успеа да се пласира на своето прво Светско првенство. Во финалето на доигрувањето во Приштина, репрезентативците на Косово беа поразени од Турција, која на тој начин си го обезбеди патот кон Мундијалот, а болниот пораз на домаќинот донесе и тешки обвиненија против капитенот на тимот Везат Муриќи.
Веднаш по натпреварот, еден навивач во телефонски разговор за телевизијата „Клан Косова“ изнесе тврдења дека Муриќи го „продал“ натпреварот, што предизвика бурна реакција од самиот фудбалер. Навивачот го обвини капитенот за предавство, наведувајќи низа аргументи за своите сомнежи.
„Главниот виновник за поразот е Ведат Муриќи, капитен и полутурчин. Ден пред натпреварот ги следев турските медиуми. Ведат Муриќи им ги даде на Турците сите информации и целата тактика како ќе се игра. Пред излегувањето на терен разговара со сите турски играчи и ги прегрнува. Не се сомневам дека го продал натпреварот, би заработил и пари“, рекол навивачот и продолжил:
„Минатата година летував во Улцињ и го видов Муриќи во хотел со целото негово семејство, сите 11 членови. Верувајте ми, го сретнував секој ден и се колнам дека ни секунда не зборуваа албански. Цело време зборуваа само турски. Немаше желба за победа. Ако ги анализирате неговите потези, едноставно не играше. Тие крокодилски солзи на крајот беа само претстава. Ведат Муриќи е главниот, како капитен требаше да ја мотивира целата екипа, а направи спротивно.“
Не требаше долго да се чека на реакција од капитенот на Косово, кој се огласи со коментар на својот официјален профил на социјалните мрежи, упатувајќи му остар одговор на навивачот. „Срами се! Полутурчин кој зборува турски, како многумина родени во Призрен, но кој е поголем патриот и се чувствува повеќе Косовец од тебе!“ започна Муриќи и продолжи:
„Да мислиш дека репрезентативец во одлучувачки натпревар за својата земја би го продал натпреварот само затоа што е роден во Призрен и зборува турски – мора да имаш психички проблеми или да си личност без крв, чувство и почит кон играчот кој го дал сето за репрезентацијата на Косово. Лично никогаш нема да ти простам за сета болка и сè низ што поминав од првиот ден до вчера поради фудбалот на оваа земја и репрезентацијата. Бог да те проколне!“, ги пренесе зборовите на Муриќи хрватскиот портал Индекс.