Свет За иднината на овој воден пат ќе одлучуваат Иран и Оман

Арагчи: Ормуската Теснина е затворена само за непријателските бродови

-Теснината е затворена само за бродовите на оние кои војуваат против нас. Тоа е нормално за време на војна – не можеме да им дозволиме на непријателите да ги користат нашите територијални води за трговија – објасни шефот на иранската дипломатија.

Арагчи: Ормуската Теснина е затворена само за непријателските бродови

Ормуската Теснина е отворена за бродовите на мнозинството земји, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за „Ал Џазира“, нагласувајќи дека за иднината на овој воден пат ќе одлучуваат Иран и Оман.

Иран презеде контрола врз теснината поради американско-израелските напади, забранувајќи транзит за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Иранските власти во повеќе наврати потенцираа дека теснината не е затворена, туку дека бродовите на „пријателските“ земји можат да поминуваат во координација со иранската морнарица.

-Теснината е затворена само за бродовите на оние кои војуваат против нас. Тоа е нормално за време на војна – не можеме да им дозволиме на непријателите да ги користат нашите територијални води за трговија – објасни шефот на иранската дипломатија.

Тој додаде дека некои други земји сами одлучиле да не пловат низ преминот поради безбедносни ризици и високи цени за осигурување, додека неколку кинески, индиски, пакистански и турски бродови веќе поминале по консултации со Техеран.

Арагчи истакна дека територијалните води на Ормуската Теснина им припаѓаат на Иран и на Оман и дека овие две држави ќе одлучуваат за новиот режим по завршувањето на војната. Сепак, земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи го и Катар, инсистираат да бидат вклучени во сите разговори за иднината на овој стратешки правец.

Во меѓувреме, Кина и Пакистан објавија план од пет точки за завршување на војната, каде како приоритет се наведува нормализацијата на сообраќајот низ теснината. Паралелно со ова, иранскиот Парламент усвои предлог-закон со кој се предвидува нов систем на безбедносни аранжмани и наплата на такси за транзит исклучиво во ирански ријали. Според новиот закон, на бродовите од земјите кои вовеле санкции кон Иран ќе им бидат наметнати сериозни ограничувања при пловидбата.  (МИА)

To top