Русија ќе одговори доколку другите земји ѝ дозволат на Украина да го користи нивниот воздушен простор за напади со беспилотни летала врз руските балтички пристаништа, соопшти денеска Кремљ.
– Доколку се отстапи воздушен простор за спроведување непријателски, терористички активности против Руската Федерација, тоа ќе нè принуди да извлечеме соодветни заклучоци и да преземеме соодветни мерки, наведе портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека руската армија внимателно го следи и анализира развојот на настаните и дава препораки.
Песков наведе дека се работи на обезбедување на целата клучна инфраструктура, но објектите не можат да бидат 100 проценти заштитени од „терористички напади“.
Изминатите недели Украина ги засили нападите со дронови врз руските рафинерии и извозните рути, некои во близина на границата на Русија со балтичките држави и Финска, во обид да ја ослабне воената економија на Москва. Украина го изведе најжестокиот напад со дронови во четиригодишната војна врз балтичките пристаништа Уст-Луга и Приморск.