Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац денеска изјави дека Израел по завршување на конфликтот со Хезболах, ќе воспостави тампон-зона во јужен Либан и ќе ја задржи контролата врз целата област до реката Литани.
– На крајот од операцијата, ИДФ ќе ја контролира областа до реката Литани, вклучувајќи ги и преостанатите мостови на Литани, елиминирајќи ги силите на Радван (елитна воена единица на Хезболах), кои се инфилтрирале во областа и уништувајќи го целото оружје таму, наведе Кац.
Тој посочи дека на повеќе од 600.000 Либанци, евакуирани во северниот дел, ќе им биде забрането враќање јужно од Литани сè додека нема гаранции за безбедноста на жителите на северен Израел.
– За таа цел, сите домови во селата во близина на границата ќе бидат уништени, по моделот на Рафа и Беит Ханун во Газа, за трајно отстранување на заканите за израелските жители во близина на границата, истакна Кац.
Реката Литани се влева во Средоземното Море околу 30 километри северно од границата на Израел со Либан.
ИДФ од 13 март уништи пет моста преку реката и го забрза уривањето на куќите во либанските села во близина на израелската граница. Израел тврди дека кампањата е насочена против Хезболах, а не против либанските цивили.