Македонија КОЛУМНА НА САШО ТАНЕВСКИ

Роботи во Вашингтон, сеништа од минатото на Балканот

Додека светот се натпреварува кој побрзо ќе стигне до Марс, кој ќе изгради дата-центри за вештачка интелигенција на Месечината, политичките елити во Атина и Софија се натпреваруваат кој поуспешно ќе нè врати во времето на магарињата. Грчките европратеници, со истата таа „европска“ визија, поднесуваат амандмани во кои нè нарекуваат „скопјани“ и забрануваат воопшто државава да го содржи зборот „Македонија“ во името. Тоа е врвот на нивната иновација – наместо развој на технологија, развој на стратегија за идентитетско обезличување

Роботи во Вашингтон, сеништа од минатото на Балканот

Додека во Вашингтон, на Глобалниот самит за вештачка интелигенција, хуманоидни роботи со совршена прецизност објаснуваа како ќе ја спасат планетата, во ходниците на Белата куќа се одвиваа античко-византиски игри. Имено, настанот што требаше да биде прозорец кон иднината, благодарение на нашите јужни соседи, се претвори во нискобуџетна епизода од „Балкански шпион“.

Грчката дипломатија, фалена од сопствените медиуми како „превентивна велесила“, наводно го поминала самитот не во дебати за алгоритми и машинско учење, туку во чешлање на говорите на првата дама на САД. Според она што го напишаа дел од грчките медиуми деновиве, амбасадорот Александридис, како еден вид јазичен „терминатор“, со хируршка прецизност ја „елиминирал“ опасноста Меланија Трамп да каже „Македонија“. Каков потег, навреме да се пресретне еден збор во Белата куќа! Тоа е веројатно многу потешко отколку да се програмира свесен робот, барем во умот на просечен балкански дипломат заглавен во 19 век.

Но, трагикомедијата не застанува тука. Додека светот се натпреварува кој побрзо ќе стигне до Марс, кој ќе изгради дата-центри за вештачка интелигенција на Месечината, политичките елити во Атина и Софија се натпреваруваат кој поуспешно ќе нè врати во времето на магарињата. Грчките европратеници, со истата таа „европска“ визија, поднесуваат амандмани во кои нè нарекуваат „скопјани“ и забрануваат воопшто државава да го содржи зборот „Македонија“ во името. Тоа е врвот на нивната иновација – наместо развој на технологија, развој на стратегија за идентитетско обезличување. Изгледа тоа е таа нивна вештачка интелигенција, вештачки да создадеш проблем наместо да му помогнеш на соседот побрзо да се интегрира таму каде што си и ти.

Апсурдот е во тоа што земјите што треба да бидат предводници на европските вредности во регионот наместо да промовираат регионални ИТ-центри и заеднички проекти за роботика, трошат државни ресурси за да проверуваат дали некој на неформален ручек кажал „македонско вино“ или „македонско небо“. ЦИА изнесе документи дека потрошиле и милиони долари да го сменат името на државава. Тоа не е дипломатија, тоа е политички анахронизам.

Премиерот Мицкоски со право ја оквалификува оваа операција на грчката дипломатија за „неуспешна играна серија“. Проблемот е што ние сме принудени да ја гледаме оваа серија повеќе од три децении, додека нашите соседи се обидуваат да го убедат светот дека нивниот „културен идентитет“ ќе пропадне ако една прва дама не додаде географска одредница во воведен говор.

Како и да е, да се негира нечиј идентитет во присуство на хуманоиден робот е врвна иронија. Роботот барем има капацитет да учи и да се надградува, но некои политичари во соседството, за жал, изгледа имаат „read-only“ меморија програмирана во 19 век. Тие се плашат од зборот „Македонија“ повеќе отколку што светот се плаши од апокалипса предизвикана од вештачка интелигенција.

Наместо да бидат мост кон Европа, тие се поставуваат како ревизори на нашите мисли и чувства. И додека кодошат по ходниците во Брисел и Вашингтон и бројат букви во официјалните извештаи и документи, пораката од пријателите на Македонија што секој ден ни ја кажуваат станува сè појасна: водете се од сопствените интереси и не идеализирајте ги премногу Унијата и оние што прекутрупа беа втурнати внатре, само поради геостратегија. Затоа што, ако „европска вредност“ е да бидеш опседнат со името на соседот додека роботите ги преземаат економијата и целокупното функционирање, тогаш можеби на тој Балкан му треба комплетен ресет на системот.

Во Вашингтон видовме робот што зборува. Во Грција и Бугарија сè уште гледаме анахрони политички фигури што негираат. Прашањето е само до кога ќе дозволуваме таквите фигури опседнати со сеништата од минатото да ја диктираат брзината на нашиот напредок.

Најнови вести од Македонија

To top