Италијанскиот тенисер Јаник Синер продолжува со извонредната форма, откако триумфираше на турнирот Мајами Опен, совладувајќи го Чехот Јиржи Лехечка во финалето со 2-0 во сетови (6-4, 6-4).
Со овој триумф, 24-годишниот Италијанец го заокружи совршениот месец март и испиша историја, откако претходно славеше и на турнирот Индијан Велс. На тој начин, Синер стана дел од елитно друштво на тенисери кои успеале да го освојат таканаречениот „Саншајн дабл“ – двојната круна во Индијан Велс и Мајами во иста сезона. Последен до вакво достигнување беше Роџер Федерер во 2017 година.
Со новите 1000 бодови, Синер дополнително ја намали разликата во однос на првиот тенисер во светот Карлос Алкараз, со што трката за врвот на АТП листата станува сè поинтересна во пресрет на продолжението од сезоната.