Од самиот старт до крајот на излагањето на воведните зборови од обвинителката во судницата, насилникот Стојанче Јовановски се смеел и мафтал со глава во знак на негодување, а во делот кога обвинителката кажала како настапила смртта со прекин на мозочните и другите витални функции кај Ивана и Катја по падот на бетонот пред висококатницата, тој се наведнал на клупата, покривајќи си го ликот.
Во воведните зборови, обвинителката цитирала највулгарни зборови и најстрашни закани по животот со кои ѝ се обраќал Јовановски на Ивана додека ја тепал, а таа губела свест, пренесоа медиумите.
Според обвинението, тој извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство. Јовановски подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата, која спрема него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство.
„На жрвата и упатувал вербални закани ‘ќе те убијм ку*во, ќе видиш што ќе ти направам. Со умисла на повеќе локации во Скопје вршел семејно насилство“, рече обвинителката Адела Бојчевиќ.
Пред судот, Јовановски рече: „За првите две дела разбирам, за третото не. Не се согласувам во потполност“. Во текот на излагањето, тој и се расплака, тврдејќи дека не бил сослушан и дека неправедно се товари.
„Ја доведоа во безизлезна состојба, семејството ми е уништено. Мене ме присилуваа да признам вина за сите три дела“, изјави обвинетиот, посочувајќи го како одговорен сведокот Мартин Саздов, пренесе Скопје1 од судењето.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а постапката продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.
На 2 март на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство телесно ја поврeдил неговата сопруга. Ја удирал со шлаканици и тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв.