Поранешниот непалски премиер К. П. Шарма Оли е уапсен во врска со смртоносните протести во септември, јавија денеска локалните медиуми, еден ден по формалното именување на новиот премиер Балендра Шах.
Според извештаите, повикувајќи се на министерот за внатрешни работи Судан Гурунг и полицијата, уапсен е и поранешниот министер за внатрешни работи Рамеш Лекхак.
Двајцата биле приведени рано утрината, наведуваат медиумите.
„ВЕТУВАЊЕТО Е ВЕТУВАЊЕ: Никој не е над законот“, напиша Гурунг на социјалните мрежи, пренесува „Хималајан тајмс“. Тој оцени дека ова е само почеток на правдата и изрази уверување дека земјата се движи во нов правец.
Во септември, хималајската држава беше потресена од сериозни немири откако забраната на социјалните мрежи изведе десетици илјади, главно млади демонстранти, на улиците. Тие протестираа против широко распространета корупција и непотизам. Во немирите загинаа повеќе од 70 лица.
Оли, кој тогаш беше премиер, подоцна поднесе оставка, по што парламентот беше распуштен.
На изборите на почетокот на март повторно се кандидираше од Комунистичката партија на Непал – Обединета марксистичко-ленинистичка, но убедлива победа оствари центристичката партија Растрија Сватантра (Национална независност), предводена од раперот и политичар Шах.