Новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески вели дека никогаш нема да коментира ничија изјава, нагласувајќи дека првото нешто што го направил откако е на функцијата е средба со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство и најави дека планира средби и со сите јавни обвинители, односно по подрачја на вишите јавни обвинителства кои се четири, па потоа и со основните.
Прашан за коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува одговори за работата на Катица Јанева и СЈО, Савески во изјава за медиумите пред денешната седница на Советот на ЈО рече дека нема да коментира ничија изјава.
Прашан што ќе направи во однос на гласините дека има предмети што се чуваат во фиока, Савески нагласи дека е само неколку дена на функцијата и дека за секоја одлука јавноста ќе биде навремено известена.
-Дајте малку време, сепак се неколку денови. Вклучително, приоритет е и учеството на седниците, да се пополнат местата коишто се испразнети и да се создадат услови да функционира таму каде што има испразнети места – изјави Савески.
Савески, нагласи дека работата на Јавното обвинителство, вклучително на секој јавен обвинител, а и државниот јавен обвинител, надлежностите и обврските кои ги исполнуваат јавните обвинители произлегуваат од законските регулативи.
Прашан дали СЈО и Катица нема да бидат приоритет, Савески рече дека нема да коментира “ако ви е во врска со изјавата на кој било обвинител”.
Прашан за гувернерот Трајко Славески, Савески рече дека се следат состојбите во врска со тоа што како информации излегоа во јавноста и дека доколку се најде основ за отворање на предистражна постапка, секако тоа ќе биде постапено.
-Нема отстапки тоа се законски обврски на Јавното обвинителство. Само да не бидам погрешно сфатен само доколку, значи тоа секако се оценува за секоја ситуација, вклучително и оваа за која ме прашувате. Не може, а да не биде предмет на анализа. Доколку се најде основ, се постапува согласно законот – изјави Савески, нагласувајќи дека јавноста ќе биде известена со комплетно соопштение од страна на службите за односи со јавноста.
За барањето за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, Савески рече дека не е донесена одлука.
-Имајте во предвид, само неколку дена сум во функција. Обврските се од секаква природа, така да сè што ќе дојде по редослед за одлучување и кога ќе биде донесена одлука, секако јавноста ќе ја запознаеме преку медиумите – рече Савески. (МИА)