Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави одобрувањето на концептот за „центри за враќање“ на мигранти од страна на Европскиот парламент, јави АНСА.
„Ова е важен чекор за поефикасно враќање на мигрантите, за зајакнување на контролата на границите и за Европа конечно да има поверодостојна миграциска политика“, напиша Мелони на „Фејсбук“.
Via libera del Parlamento europeo alle nuove regole sui rimpatri: l’Europa va finalmente nella direzione giusta, su una…
Posted by Giorgia Meloni on Thursday, March 26, 2026
Таа додаде дека Европа конечно се движи во вистинската насока, следејќи ја линијата што Италија силно ја поддржува. Справувањето со илегалната миграција Мелони го постави како еден од своите главни приоритети.
Текстот, што беше одобрен вчера од Европскиот парламент, ќе им овозможи на земјите членки да создаваат центри за мигранти во држави надвор од ЕУ. Таму ќе можат да испраќаат и евентуално да задржуваат лица чии барања за азил се одбиени и кои подлежат на враќање во земјите на потекло.
Оваа идеја веќе беше тестирана од страна на Италија во Албанија. Сепак, центрите таму долго време се речиси празни поради низа судски жалби. Во февруари, во еден од двата центри имало околу 90 лица, наведува извор од италијанското Министерство за внатрешни работи. (МИА)