Книгоиздавателството „Панили“ ја објави новата прозна книга на Трајче Кацаров – романот во раскази „Трамвај во недела“. Кацаров е еден од најпосветените автори во актуелната македонска прозна продукција, а со своите книги објавени последниве неколку години промовира исклучително интересна поетика во македонската проза, во којашто се остварува спој на автобиографското, хуморот, приказната како предизвик, а со тоа и наратологијата, но и личното, обемно книжевно искуство на овој истакнат писател, вклучително и на теренот на драмата.
„Трамвај во недела“ е исклучителна книга што се очекува да побуди интерес кај поширокиот читателски аудиториум. Како што е напоменато, книга што се одликува со хумор за чистење на паразитите што го нагризуваат здравјето на човекот.
– Велат дека смешното доаѓа од големата желба за живот. Излегува дека мојата голема желба да живеам – да се радувам, насладувам, да љубам, не ме прави ништо друго освен смешен. Не можам да им кажам на мртвите, зашто тие и да ме слушнат и веруваат само на гласовите на смртта, затоа пак можам јасно и гласно да им кажам на живите: „На планетата лудница за другите планети во галаксијата, светот не е ништо друго освен смешен!“ Драг читателу на овој, ако може да се нарече, роман во раскази, доколку од животните прилики на раманескните ликови не забележите дека и вашето воспитание, образование, вашите емоционални изливи и љубовта, не се смешни, сте заглавиле во неизлечива досада. Прочитајте, па дознајте!, порачува самиот Кацаров.
„Трамвај во недела“, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“ и преку веб-страницата.