Во издание на „Панили“ е објавена нова книга важна за македонската историографија – монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ од универзитетската професорка Виолета Ачкоска. Оваа книга е резултат на повеќегодишни истражувања и во неа е отсликано едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на Информационото биро на комунистичките и работничките партии врз Комунистичката партија на Југославија (1948-1956).
Преку користење документи и литература од различна провиниенција, Ачкоска, во оваа монографија го анализира времето на почетоците на Студената војна и формирањето на ИБ, судирот Сталин-Тито, начините на справување со приврзаниците на СССР и ИБ, системот на „општествено превоспитување“ и судбината на Македонците на Голи Оток и во другите логори за „информбировци“, и на крај, процесот на десталинизација и рехабилитација. Притоа, како што оценува рецензентот, професорот Никола Жежов, направен е успешен обид, од „заедничката“ историја на Инфорбирото да се раскаже дел од посебната македонска приказна.
Во рамките на достапната документација и различна литература, избрана е онаа, која на најсоодветен начин и најаргументирано ги претставува тогашните случувања и главните актери кои или ја креирале дадената политика или биле нејзини жртви. Иако голем дел од документацијата за ова време е уништена, а сведоците не се меѓу живите, Виолета Ачкоска успеала со критичка анализа на бројни полициски досијеа, архивски записи, документи од домашните архиви и архивите во Белград, Љубљана и Софија, документите на ЦИА, мемоарска и друга литература и сеќавања на дел од „информбировците“ или нивните потомци, да направи историски веродостојна реконструкција на историските појави и процеси и да расветли одделни нерасветлени моменти од тоа време.
– Посебно се презентирани начините на справување со приврзаниците на СССР и Информбирото низ системот на „општествено превоспитување“, воспоставен од југословенските државно-партиски власти. Целиот овој систем е обработен, главно преку судбините на поединците кои ги доживеале физичките и психичките тортури во логорите и затворите за т.н. „информбировци“. Притоа, централна точка е Голи Оток и другите логори во кои престојувале, односно биле изолирани и упатени на опшествено-корисна работа луѓето кои се определиле за Резолуцијата на Информбирото или пак заради било каков сомнеж во однос на генералната линија на КПЈ и Јосип Броз-Тито. Во овој круг на „информбировци“ кои ја поминале голооточката „школа“, авторката се задржува на одделни видни македонски дејци од периодот меѓу двете светки војни, шпански борци, учесници во НОБ, членови на Президиумот на АСНОМ и раководители на разни сектори во државата, писатели и други творци, меѓу кои: Панко Брашнаров, Кирил Петрушев, Лазар Соколов, Богоја Фотев, Владимир Полежиновски, Венко Марковски, Генадиј Илиев Лешко, Ацо Петровски, Петар Пирузе, Павел Шатев, Васил Калајџиски, Неџат Аголи, Георги Василев, Трајко Мишковски, Иван Дојчинов, Димче Аџи Митрески, Мире Анас¬тасов, Раде Лешков, Кирил Ќамилов, Иван Точко, Димче Најчевски, Дивна и Ратко Богоеви итн., истакнува рецензентот Жежов.
Како што се наведува во монографијата, „Информбировците“ во Македонија со децении биле жигосани како „непријатели”, бојкотирани во нивните средини, нивното однесување следено итн. И покрај чекорите за рехабилитација, поголемиот дел речиси никогаш до крај не биле рехабилитирани, дури ни оние кои се сложиле да бидат информатори. За повеќето тоа бил многу страмен и понижувачки чин, а некои го чуствувале како продолжување на казната, само на друг начин.
Начинот на презентација во „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е проблемски, при што се тргнува од општото кон посебното, проследено хронолошки. Од општата рамка се доаѓа до македонските состојби, а честопати Република Македонија (ДФМ/НРМ/СРМ) се обработува низ југословенските случувања, со оглед на фактот што во овој период таа е дел од југословенската федерација и подлежи на генералната политика на КПЈ. Во одделни анализи се излегува од историската рамка на Информбирото, со цел да се објасни генезата на одделно прашање.
– Со начинот на презентација, со јасните заклучоци и анализи и со богатиот фактографски материјал, оваа монографија претставува значаен прилог во македонската историографија од најновиот век, заради што ќе пробуди несомнен интерес кај пошироката јавност, истакнува Жежов.
Монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“, како и преку веб-страницата, а наскоро ќе се одржи и промоција.