Европската интеграција останува највисок стратешки приоритет на државата и неповратен процес, порача денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали на церемонијата за доделување грантови во рамки на повикот „Зајакнување на јавниот ангажман и комуникацијата на патот кон членство во ЕУ“.
Тој посочи дека по завршувањето на скрининг фазата, земјата влегува во одлучувачка фаза на евроинтеграциите, во која фокусот е на конкретна имплементација на реформите и постигнување мерливи резултати.
Министерот ја нагласи важноста од градење јавна доверба и транспарентна комуникација, како и вклучување на граѓаните во процесот, додавајќи дека европската интеграција не е само институционален, туку и општествен процес кој бара широк консензус и активна поддршка од јавноста.
Сали им честиташе на добитниците на грантовите, изразувајќи благодарност за поддршката од меѓународните партнери. Според него, проектите што ќе се реализираат преку грантовите ќе придонесат за поинаклузивен и потранспарентен процес на приближување кон Европската Унија.
Првиот вицепремиер изрази очекување дека проектите ќе донесат конкретни резултати и ќе помогнат во зајакнување на довербата на граѓаните во европскиот пат на државата.