Македонија Економски мерки и енергетска стабилност

Владата најавува намалување на ДДВ за горивата и интервенции за стабилизирање на цените

Со пониски даноци и користење на државни резерви, се очекува ублажување на ценовните притисоци врз граѓаните и економијата

Владата најавува намалување на ДДВ за горивата и интервенции за стабилизирање на цените

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најави пакет мерки насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните, со фокус на стабилизирање на цените на горивата и електричната енергија.

Како што информираат од партијата, една од клучните мерки е намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 проценти. Според нив, оваа одлука има директен ефект врз крајните цени, при што се очекува бензините да останат речиси непроменети, додека цената на дизелот да се зголеми за околу 3 до 3,5 денари по литар, наместо за повеќе од 10 денари.

Во соопштението се наведува дека и покрај евентуалните корекции, цените на горивата во земјава остануваат меѓу најниските во регионот. Дополнително, од партијата проценуваат дека со оваа мерка граѓаните ќе заштедуваат околу 200 илјади евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно, врз основа на просечната потрошувачка на гориво.

Според изнесените податоци, дневната потрошувачка изнесува околу 1,6 милиони литри, од кои 75 проценти се дизел, а остатокот бензин од 95 и 98 октани.

Покрај даночните измени, се најавува и интервенција во енергетскиот сектор. Во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК Битола, а на депониите има околу 80.000 тони јаглен во Битола и дополнителни 160.000 тони во Кичево. Акумулациите во хидросистемот се исполнети околу 40 проценти, што според проценките би било доволно за производство на електрична енергија за околу еден месец во случај на прекин на другите извори.

Како дополнителна мерка, се разгледува можноста за ослободување на околу 2.000 тони мазут од државните резерви, со цел намалување на трошоците на ЕСМ и спречување на евентуално поскапување на струјата.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие чекори ќе помогнат да се прекине синџирот на поскапувања и да се ублажат економските притисоци, особено врз цените на храната, транспортот и услугите.

Најнови вести од Македонија

To top