Еден од најпознатите ирански фудбалери, Сардар Азмун, е отстранет од националниот тим по потег што властите го протолкувале како нелојалност, пренесуваат иранските медиуми.
Со ваквата одлука, неговото учество на претстојното Светско првенство станува крајно неизвесно.
Воедно, под знак прашалник е и настапот на Иран на турнирот, поради заострените односи со САД.
Азмун, кој настапува во Обединетите Арапски Емирати за клубот Шабаб Ал-Ахли, ги налутил властите откако на социјалните мрежи објавил фотографија од средба со владетелот на Дубаи, Мохамед бин Рашид Ал Мактум.
Тензиите дополнително се зголемија по неодамнешните ракетни и беспилотни напади што Иран ги изведе врз Обединетите Арапски Емирати, по претходните воздушни удари на САД и Израел во кои беше убиен врховниот лидер Ајатолах Али Хамнеи.