Државниот архив е столб на македонското битие, предизвик е да го зачуваме и заштитиме целото архивско наследство. Еден од најстарите документи, односно најстариот документ којшто го поседува Државниот архив е Евангелието на Лука кое потекнува од 12-от век, а најден е во фондот на охридското семејство Робеви. Ова во интервју за МИА го вели директорот на Државниот архив, Димитар Богески.
Архивот на 1 април идниот месец одбележува 75 години од своето постоење. По тој повод, како што рече Богески, ќе организираат изложби, промоции на книги, промоции на документи, со цел да се афирмираат документите што ги чува Архивот, односно, како што нагласи, да се афирмира целата општествена, историска и културна дејност во Македонија.
– Државниот архив на Македонија прославува 75 години од неговото основање во далечната 1951 година со указ на тогашната Влада. Тоа претставува значаен момент за институцијата и за државата, можност да се потсетиме за патот на неговиот развој и за генерации луѓе кои придонеле за развој на архивската дејност, на архивската документација и генерации кои ја издигнале оваа институција, изјави Богески.
Директорот на Архивот во интервјуто за МИА вели и дека оваа институција се соочува со предизвици, како што се просторните услови, дигитализацијата…
– Како еден од предизвиците првенствено ни се просторните услови, односно создавање услови за нови депоа. Предизвик ни се и современите методи на конзервација и реставрација, односно конзервирање на архивскиот материјал, неговите оштетувања, поправање и реставрирање – враќање на тие документи во првобитна положба. И како последна фаза од овие предизвици е дигитализацијата, што претставува можеби и еден од најбитните елементи во овие предизвици, бидејќи на тој начин преку дигитализација на документите односно на архивското наследство или граѓа која што претставува културно наследство од прва категорија, ние всушност правиме и заштитување на архивскиот материјал, но правиме да биде подостапен за научно-истражувачките цели, посочува тој.

Го пренесуваме интервјуто во целост:
Најнапред за претстојниот голем јубилеј што ќе го прославите – 75 години од постоењето на Државниот архив, на кој начин ќе го одбележите овој голем јубилеј?
– Да, токму така, Државниот архив на Македонија прославува 75 години од неговото основање во далечната 1951 година со указ на тогашната Влада. Тоа претставува значаен момент за институцијата и за државата, можност да се потсетиме за патот на неговиот развој и за генерации луѓе кои придонеле за развој на архивската дејност, на архивската документација и генерации кои ја издигнале оваа институција. Она што сакам да го истакнам како главен дел од нашиот јубилеј, 75 години Државен архив, е Свечената академија која ќе биде на 6-ти април во Македонскиот народен театар, но за нас целата година е јубилејна. Така да не запираме тука, низ разни изложби, низ разни промоции на книги, промоции на документи, продолжуваме низ целиот период да го афирмираме Државниот архив на Македонија, да ги афирмираме документите што ги поседуваме, односно да ја афирмираме целата општествена, историска и културна дејност во Македонија.
Со оглед на овој голем јубилеј од 75 години постоење, може ли приближно да ни кажете колку материјали чува нашиот Архив во депоата и кој е најстариот документ?
– Државниот архив е составен од девет подрачни одделенија, девет подрачни архиви и заедно имаат околу 8.000 фондови или кај нас се мери во метри должина, околу 9 километри архивски материјал. Еден од најстарите документи, односно најстариот документ којшто го поседува Државниот архив е Евангелието на Лука кое потекнува од 12-от век, а најден е во фондот на семејството, охридското семејство Робеви.
Државниот архив се смета за столб на националниот идентитет. Вие бидејќи доаѓате од редот на вработените, може најдобро да ни кажете со кои предизвици се соочува Архивот во поглед на просторните услови за соодветно чување на трајниот архивски материјал, како и задоволување на техничките потреби?
– Државниот архив не се смета, туку тој е столб на македонскиот идентитет, односно нашето мото е столб на македонското битие, постоење. Со предизвиците ние се соочуваме од типот на тоа што немаме доволно просторни услови за да може да го собереме целото тоа архивско наследство, односно целата таа архивска граѓа, документација во нашите депоа и да можеме на еден современ и модерен начин тоа да го заштитиме и чуваме.
Значи како еден од предизвиците првенствено ни се просторните услови, односно создавање услови за нови депоа. Предизвик ни се и современите методи на конзервација и реставрација, односно конзервирање на архивскиот материјал, неговите оштетувања, поправање и реставрирање – враќање на тие документи во првобитна положба. И како последна фаза од овие предизвици е дигитализацијата, што претставува еден можеби и од најбитните елементи во овие предизвици, бидејќи на тој начин преку дигитализација на документите односно на архивското наследство или граѓа што претставува културно наследство од прва категорија, ние всушност правиме и заштитување на архивскиот материјал, но правиме тој да биде подостапен за научно-истражувачките цели.
Процесот на дигитализација, за жал, кај нас малку доцни, односно каскаме со тој процес од кои причини, бидејќи ние немаме ни еден процент досега од целокупната документација издигитализирано или во дигитална форма. За тоа да го направиме потребно ни е да изградиме еден информациски систем, односно софтверско решение врз коешто би можеле во иднина тие дигитализирани документи, односно таа дигитализирана граѓа, да ја прикачиме на самиот софтвер и ја направиме подостапна за јавноста. Тие процеси веќе ги започнавме со помош на меѓународниот фактор применувајќи ги и меѓународните норми, односно критериуми. Преку една донација веќе почнавме пилот проект за изработка на информациски систем односно софтвер. При завршувањето на тој пилот проект ќе ни бидат дадени насоките на кој начин треба да изгледа и како треба да функционира тој софтвер и веднаш потоа започнуваме со имплементација на софтверот и на дигитализација на архивската граѓа и прикачување на него.
Кога веќе ја спомнавте дигитализацијата, која е политиката на Државниот архив во однос на материјалниот дел на трајниот архивски материјал којшто веќе е дигитализиран, дали соодветно ќе се чува како и досега или има и друго решение?
– Да, како што кажав, чувањето на архивскиот материјал не само сега, туку и секогаш ќе се чува во депоа. Тие депоа треба да исполнуваат одредени критериуми и услови за да може тој архивски материјал односно таа вредност, културно наследство од прва категорија, да биде зачувано постојано и засекогаш, не само во одредени периоди. Можам да спомнам неколку од условите кои треба да ги поседуваат тие депоа, одосно места каде што се чува архивската граѓа од трајна вредност – прво е регулација на влагата, регулација на температурата, надворешните влијанија, тоа се едни од основните услови коишто тие депоа треба да ги исполнуваат, за да може таа граѓа да ја чуваме трајно.
Што се однесува до дигитализацијата ви спомнав и претходно дека ние веќе сме во изработка на информациски систем односно софтверско решение врз коешто ќе можеме тие дигитализирани документи да ги прикачиме на тој софтвер. Со тоа граѓаните односно истражувачите коишто имаат потреба од истражување на архивските документи нема да имаат допир со архивските документи бидејќи при секој допир и при секое вадење од депото, постои голема можност за оштетување на тие документи и тие ќе имаат пристап во дигитална форма и ќе можат пред своите екрани компјутери, лаптопи, да имаат увид или да имаат научно-истражувачки дел преку електронска форма.
Дали дигитализираните материјали ќе бидат безбедни, дали има опасност од преземање, можеби фалсификување, уништување… Колку Архивот е подготвен да се справи со овие предизвици?
– Се разбира, информацискиот систем односно софтверот којшто го правиме со овој пилот проект ќе ни ги даде сите тие аномалии или можности коишто можат да се случат при самата работа. Се надеваме дека ќе избереме добра софтверска компанија и со наша помош бидејќи ние практичниот дел треба да го имплементираме во дигитален дел. И знаеме дека во поново време сајбер безбедноста е исто така многу битно прашање и гледам дека веќе во Македонија започнаа да функционираат компании коишто се занимаваат со таа сајбер безбедност. Со формирање еден заеднички тим и заедничка работа на еден заеднички проект, секако дека преку сајбер безбедноста и таканаречените дигитални конзерватори, тоа се модерни изрази коишто западноевропските земји коишто веќе имаат понапреден процес во дигитализацијата ги имаат имплементирано, ќе успееме да изградиме дигитална информативна алатка каде што ќе биде доволно обезбедена преку жиговите што ќе ги поседуваат тие документи. Државниот архив и преку комуникацијата за издавање документи верни на оригинал преку Државниот архив, ќе биде сведено речиси на нула проценти можност за фалсификување на тие документи.
Дали во денешно време постои интерес за истражување на нашата историја користејќи ги материјалите на Државниот архив?
– Да, постои, но, за жал, морам да потенцирам тоа е многу мала. Бидејќи наши чести гости се исклучиво луѓето кои се занимаваат со историски теми, односно одредени професори во Институтот за национална историја и од катедрата Историја. Значи тоа се претежно луѓе кои се занимаваат со историската наука и од тие две институции доаѓаат на истражување при изработка на некои нивни научни трудови.
Нашата цел, ако добро забележувате, особено овие изминати три-четири месеци е поголема афирмација на Државниот архив, поголема присутност во јавноста и неделно повеќе пати прикажување односно давање документи на увид на јавноста, се со цел да предизвикаме побуда за научно-истражувачки цели и не само научно-истражувачки цели, туку остварување одредени права и на луѓето во оваа држава.
Покрај тоа, размислуваме и за повеќе проекти и тоа е со Институтот за национална историја, Катедрата за историја, Историја со архивистика да можат предавања и вежби да прават во самиот Државен архив. Со тоа сметаме дека ќе направиме една дополнителна афирмација на Државниот рхив кај студентите кои ќе се занимаваат во иднина со таа дејност, не само теоретски да слушаат предавања туку да можат и практично да ги имплементираат тие теоретски знаења што ги имаат.
Ние сме отворени и за многу училишта, овој период имавме доста посети особено од средните училишта, коишто подлабоко се запознаваат со одредени општествени прилики – културни, историски, економски и така натаму. Така да целта на ова раководство ново, на овој тим сега којшто е во Државниот архив, е се поголема афирмација, се поголема достапност на луѓето и се повеќе можности да дојдат и да истражуваат во самиот Државен архив, од таа ризница или од море од документи коишто го поседуваме.
Значи документите се достапни за научно-истражувачки цели, претежно поголем дел од документите?
– Не постојат документи во Државниот архив коишто се забранети или не се даваат од било какви причини за научно-истражувачки цели или на увид кај граѓаните или кај научно-истражувачката јавност. Освен документи коишто имаат степен на класификација односно ПРК, тоа се продолжени рокови на чување и нив имаат право да ги гледаат само оние луѓе, односно оние институции коишто ги имаат создадено и коишто поседуваат сертификат за степен на класификација. Меѓутоа, таа е многу малку во Државниот архив. Целата друга граѓа, односно 99 проценти и повеќе можеби од 99 проценти од граѓата, е достапна на македонската јавност. Нема ништо тајно, нема ништо скришно, отворена е за научно-истражувачки цели.
Каква е политиката на Архивот со приватните колекционери на трајниот архивски материјал?
– Да. Ние еднаш во годината правиме проглас каде што ги повикуваме сите оние коишто поседуваат приватни збирки, приватен архивски материјал, колекционери на одредени архивски материјали да дојдат во Државниот архив и преку комисијата која што е формирана за тој тип документи односно кај што се наоѓаат кај приватните иматели, дали по пат на откуп или по пат на подарок, да бидат предадени во Државниот архив бидејќи местото на тие документи е во Државниот архив. Од кои причини? Прво, за да можеме да ги сочуваме трајно, тие би требало да бидат предадени во Државниот архив. Тие следат после тоа на конзервација и на реставрација, па на средување и обработка. Се изработуваат научно-информативни помагала и се прават да бидат достапни за научниците. И да бидат достапни на увид на јавноста. Со самото чување дома на тие документи постојат повеќе опасности – прво уништување и недоволно афирмирање на тие документи каде што некогаш се случува и да расветлат одредени историски настани или вистини.
Дали и како Државниот архив помага при точно и квалитетно изработување на учебниците по историја во земјава?
– Како што можевте да забележите сега во овој месец март, во ова блиско минато на посета ни беше министерката за образование и наука професорката Весна Јаневска. Токму една од темите на коишто разговаравме беше и таа. Државниот архив се понуди преку оригинални свои документи да учествува во учебниците по историја коишто ги изработува Министерството за образование или Бирото за развој на образованието. Со тоа сметаме дека одредени историски вистини ќе можеме да ги потврдиме, а и самите ученици самите студенти преку оригиналниот запис, оригиналниот документ, оригиналната архивска граѓа ќе може да се уверат или може да доближат некои историски вистини од самиот текст и од самото читање. Не да ги толкува замислено туку да ги види од самиот оригинален документ. И сметам дека со тоа ја правиме и побогата научната програма, односно историските читанки, и врежуваме во колективната свест на самите ученици, на самите студенти за македонскиот континуитет, идентитет, битие, социјален, економски и општествен живот.
Значи со тоа и на учениците ќе им биде поинтересно кога ќе ги гледаат во учебниците оригиналните архивски материјали…
-Тоа е нашата цел. Знаете кога сувопарно ги опишувате документите тие создаваат свои мистификации и некоја своја визија. Меѓутоа, кога ќе го видат во оригинал, верувам дека многу повеќе ќе бидат заинтересирани и верувам дека многу повеќе би сакале можеби и во живо да го погледнат, да дојдат, да се уверат во него, меѓутоа и самото тоа претставување на слика на некоја историска вистина или потврдување на историска вистина, голем дел од дилемите кај тие студенти или ученици ќе ги разреши.
Дали Архивот финансира стручно усовршување на вработените, особено подмладокот со оглед дека во изминатите години се пензионираа поголем дел од вработените?
– Да, како дел од нашите предизвици или цели на Државниот архив е токму тоа до оформување на знаењето на вработените во Архивот до оформување на своето знаење односно изучување Историја со архивистика и запишување на факултет. Зошто, од причини затоа што тоа е насоката односно тоа се потребните квалификации коишто треба да ги исполнува еден вработен за да може да работи во Државниот архив. Сега оние луѓе коишто имаат средна стручна спрема или имаат различни факултети коишто не соодветствуваат со работата во Државниот архив, нудиме програми, а и дел од вработените веќе имаат завршено Историја со архивистика во овој период додека биле на работа, и со тоа се надевам дека наредниов период од пет до десет години ќе направиме една функционална институција во којашто сите вработени внатре ќе бидат продуктивни и ќе ги имаат завршено оние смерови или оние катедри коишто се потребни за работа во Државниот архив.
Покрај тоа, ние вложуваме и во конзерваторскиот и реставраторскиот систем на работа односно Одделението за конзервација и реставрација. Дел праќаме на обуки во Народната универзитетска библиотека во Скопје, каде што и таа врши дел од обуките за конзервација и реставрација, а дел испраќаме и во странство. Сега во една неодамнешна моја посета во Турција во декември месец во Османскиот архив видовме некои малку и помодерни типови на конзервација и реставрација и во оној договор односно меморандум за соработка којшто го имаме склучено со нив веќе април или мај месец испраќаме одредена група, каде што таму ќе врши дооформување на своето знаење или дообука и сметаме дека при нивното враќање во Државниот архив односно во Македонија ќе ги имплементираме и тие некои посовремени и нови методи на конзервација и реставрација. Покрај тоа работиме и со некои музејски дообучувања, изработка на изложби, значи се со една цел – Државниот архив да биде во тек со модерните настани и времиња.
За крај, која е вашата визија или како ќе го позиционирате Државниот архив во ерата на модерни технологии и вештачка интелигенција?
– Мојата визија, поради тоа што сум вработен во Државниот архив и имам околу 19 години работно искуство таму, можам да ја претставам на следниот начин. Прво, сметам дека при една економска стабилизација на периодов во земјава ние треба да и понудиме на Владата на Македонија едно решение кое ќе биде за наредните 100 па можеби и повеќе години односно изработка на нацрт план проект за изградба на нов Државен архив на Македонија.
Тој нов Државен архив на Македонија треба да ги исполнува сите стандарди европски и тука меѓународни и наши коишто ќе треба да го реши прашањето за 100 можеби и повеќе години во иднина. Во тој сам процес треба да биде сместена и дигитализацијата, односно информациските системи, бидејќи тоа е иднината на архивската граѓа, нејзиното сочувување, достапност до јавноста и знаеме дека денес во текот во екот на некоја вештачка интелигенција наоѓање на голем број на решенија.
Значи, сметам дека ние имаме капацитет како Државен архив во наредниве години да направиме еден информациски систем софтверски. Имаме капацитет да направиме дигитализација, мислам дека и Владата и Министерството за дигитална трансформација имаат слух за нашите барања, во тек се со нашите барања и потреби и дека тој процес можеме за да го изведеме и сами бидејќи тоа изискува многу, но малку помалку финансиски средства, за разлика од изградба на една зграда. Меѓутоа, ние како раководство и како менаџерски тим вработени во Државниот архив сме должни да понудиме решенија за архивската граѓа, архивските документи, за историското и културното наследство што го поседуваме за наредните 100 и повеќе години да дадеме решение на Владата и народот и ние да бидеме мирни дека таа граѓа ќе биде сочувана. (МИА)