Кошаркарот на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски, заработи сериозна повреда на коленото на натпреварот на домашен терен против Тиквеш, по што ќе мора да паузира подолг период и неговата сезона е предвреме завршена, соопштија од клубот.
Инцидентот се случи при продор кон противничкиот кош, кога македонскиот репрезентативец почувствува силна болка, падна на паркетот и веднаш беше заменет.
Дополнителните медицински прегледи и снимки покажаа дека станува збор за потешка повреда на коленото, која ќе бара подолга рехабилитација.
Повредата на Магдевски претставува сериозен удар за МЗТ, со оглед дека повредени се и Војдан Стојановски и Андреј Маслинко.
Ова претставува и проблем за македонската репрезентација, со оглед што Магдевски сигурно ќе ги пропушти јулските натпревари против Ирска и Луксембург во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029, како и дуелите во август на стартот од втората претквалификациска рунда.