Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на денешната седница го избра Епископот Велички г. Никола за Митрополит Австралиско-новозеландски.
Новоизбраниот Митрополит Никола е роден во 1974 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје. Остварува двогодишен студиски престој на Катедрата по византологија на Карловиот универзитет во Прага, каде се образува во областа на средновековната литература.
Замонашен е во манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе во 1998 година. Истата година е ракоположен во ѓаконски чин, а идната година во свештенички чин. Ракопроизведен е во игуменско достоинство во 2006 година и поставен е за старешина на манастирот „Свети Никола“ во Мариово. Од почетокот на 2008 година активно се посветува на ревитализацијата на овој манастирски комплекс, се прават редица конзерваторско-реставраторски зафати во црквата, се обновува богослужбениот и духовниот поредок, се развива манастирската економија.
Во 2008 година на Богословскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија го одбрани магистерскиот труд „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20-иот век“, кој е објавен на македонски и руски јазик. Докторант е на истиот факултет.
Во 2012 година е ракопроизведен во чин архимандрит.
Во 2023 година е избран за викарен архијереј на Преспанско-пелагониската епархија, со титулата епископ Велички, а во 2024 година во соборниот храм „Свети великомаченик Димитриј“ во Битола е ракоположен во епископски чин.
Објавува текстови и учествува на научни собири и конференции во Македонија и вон државата на теми од областа на средновековна и понова црковна историја, агиографија и црковна книжевност. Член е на повеќе значајни архиепископски и епархиски црковни тела и органи.
Австралиско-новозеландска епархија е една од 15-те епархии на Македонската православна црква. Таа е една од четирите епархии надвор од Македонија и има јурисдикција за териториите на Австралија, Нов Зеланд и териториите околу нив. Од 1995 година администратор на епархијата е Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар. (МИА)