Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата беше истакната заедничката заложба за продлабочување на билатералната соработка со Министерството за јавна администрација на Црна Гора, со посебен акцент на реформите во јавната администрација и развојот на административните капацитети.
Соговорниците нагласија дека постои значителен потенцијал за унапредување на партнерството во области кои директно придонесуваат кон модернизација, ефикасност и квалитет на јавните услуги.
Во тој контекст, беше разговарано за можностите за развој на заеднички иницијативи насочени кон поттикнување иновации во јавниот сектор, размена на искуства и добри практики, како и примена на современи алатки и пристапи во управувањето со институциите.
Дополнително, беше потенцирана важноста од континуирано стручно усовршување на јавните службеници преку развој на современи програми, обуки и други форми на професионален развој.
Потсетуваме дека минатата година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу двете министерства, кој претставува цврста рамка за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка.
Воедно, беше истакната поканата за учество на министерски состанок посветен на реформата на јавната администрација, кој ќе се одржи на 21 април во Будва, Црна Гора, во рамки на конференцијата за Берлинскиот процес, на која учество ќе земе и министерот Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за интензивирање на заедничките активности, со посебен фокус на развој на човечките ресурси и градење модерна, ефикасна и професионална јавна администрација.