Македонија податоци на Евростат

Македонските граѓани се повеќе ги користат услугите на е-влада

Најчестата употреба на услугите на е-влада била за добивање информации за услуги, бенефиции, закони, работно време или слични теми (44,2%), пристапот до лични информации е втората најчеста активност (41,3%), а поднесувањето даночни пријави е на третото место (38,2%). 

Македонските граѓани се повеќе ги користат услугите на е-влада

Во 2025 година, 71,9% од луѓето во ЕУ на возраст од 16 до 74 години користеле веб-страници или апликации на јавни органи, што претставува зголемување од 1,9 процентни поени во споредба со 2024 година, покажуваат податоците на Евростат.

Во Македонија 32,32 проценти од граѓаните користеле услуги на е-влада. Најчести услуги на е-влада што ги користеле македонските граѓани се преземање или печатење официјални обрасци (17,11%), барање официјални документи или сертификати (15,44%), пристап до јавни бази на податоци или регистри (12,94%) и пристапот до лични информации (10,96%).

Споредено со земјите од регионот најмногу услуги на е-влада користеле граѓаните во Грција (71,99%), Хрватска (65,68%), Србија (64,23%), Црна Гора (52,39%), Босна и Херцеговина (37,87%) и Бугарија (35,95). За Албанија и Косово нема податок.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, неодамна информираше дека Порталот за услуги бележи рекордни резултати и станува централна точка за електронските услуги за граѓаните.

Според податоците за 2025 година, Порталот за услуги остварил 290% раст на издадени услуги и 166% раст на корисници. Тоа, според Андоновски, е јасен показател дека граѓаните го препознаваат, го прифаќаат и се повеќе го користат Порталот, за кој нагласи дека е динамична платформа која генерира 3 до 4 нови услуги месечно.

Земјите на ЕУ со најголемо користење на услуги за е-влада се Данска (98,0% од луѓето користеле веб-страници или апликации на јавни органи), Холандија (96,2%), Финска (96,1%) и Шведска (96,0%). Спротивно на тоа, Романија (24,1%), Бугарија (36,0%) и Италија (57,7%) регистрираа најмал удел.

Најчестата употреба на услугите на е-влада била за добивање информации за услуги, бенефиции, закони, работно време или слични теми (44,2%), пристапот до лични информации е втората најчеста активност (41,3%), а поднесувањето даночни пријави е на третото место (38,2%).

Луѓето во ЕУ, исто така, ги користеле услугите на е-влада за закажување состанок или резервација (38,1%), преземање или печатење официјални обрасци (36,7%), примање официјална комуникација или документи (36,6%), барање официјални документи или сертификати (20,8%), пристап до јавни бази на податоци или регистри (20,7%), барање бенефиции или права (18,1%) или поднесување други барања, барања или жалби (5,7%). (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top