Поранешниот началник на Генералштабот на одбраната на Обединетото Кралство, генералот Ник Картер, смета дека британскиот премиер треба да биде подготвен да испрати воени бродови и дронови на Блискиот Исток како поддршка на САД во конфликтот против Иран.
Гостувајќи на радиото „Би-Би-Си“, Картер нагласи дека одржувањето на Ормускиот теснец отворен за пловидба е „национален интерес“ на Британија и прашање од клучна важност за светската економија.
На прашањето за воените способности на Иран, Картер оцени дека иранската воена морнарица можеби е послаба отколку порано, но оти морнарицата на Исламистичката револуционерна гарда „сè уште е многу активна и силна“. Тој посочи дека вооружувањето на иранската гарда вклучува ракети за крајбрежно дејство, дронови, вооружени брзи чамци, далечински управувани пловила и мини.
„Тие станаа експерти за контрола на тој теснец“, рече генералот.
Лично цени дека е потребен меѓународен пристап во решавањето на кризата.
„Сметам дека треба да се стремиме кон навистина добро координирана операција, што би ја предводеле Американците со учество на многу држави“, рече тој, притоа истакнувајќи дека тоа не би била воопшто лесна операција.
„Тоа не може да се направи самостојно…Ќе бидат потребни способностите на сите за тоа да се оствари, и тоа ќе биде навистина тешка операција, што треба да биде внимателно осмислена“, заклучи Картер.