На денешен ден во 1907-ма година во Велес е роден Петре Прличко. Беше еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер.
Бил припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци и живеел од и со македонското театарско, филмско, радиодрамско и телевизиско творештво, оставајќи зад себе многубројни главни улоги.
И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.
Од 1939 година, тој членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 година, тој бил во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснал во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснал во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробувал својот талент и како театарски режисер.

Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични преобразби и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци. Тој се смета за еден од најангажираните и најпознати македонски филмски и театарски глумци, заедно со: Илија Џувалековски, Кирил Ќортошев, Тодор Николовски, Ристо Шишков и Илија Милчин.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: „АВНОЈ“, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, „Војдан Чернодрински“ (за животно дело), Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров), и други.
Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја добил и наградата „Златна арена“.
Од неодамна востановена е награда за животно дело „Петре Прличко“ која е доделувана на глумец од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда.
Умрел во Скопје, на 16 ноември 1995 година.