Ракомет

Висок пораз на Е.Пелистер во Барселона

Висок пораз на Е.Пелистер во Барселона

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер го заврши настапот во Лигата на шампионите со убедлив пораз од Барселона (47-27).

И покрај елиминацијата по групната фаза, битолскиот тим ја заокружи својата втора најуспешна сезона во елитното натпреварување, насочувајќи го сега фокусот кон домашните предизвици во Суперлигата и Купот.

Тимот предводен од тренерот Стевче Алушовски се соочи со значителни кадровски проблеми пред овој дуел. Поради повреди и здравствени причини, во составот ги немаше Домен Тајник и Павле Атанасијевиќ, што дополнително ја отежна задачата против еден од најдобрите европски клубови.

И покрај тоа што Еурофарм Пелистер беше конкурентен во воведните минути, квалитетот и ротациите на Барселона, предводена од Ортега, брзо ја направија разликата. Во тимот се вратија капитенот Филип Кузмановски и Никола Граховац, но тоа не беше доволно за да се спречи убедливиот пораз.

Најефикасен играч на мечот беше Адриан Сола со седум реализации. Кај Еурофарм Пелистер головите беа добро распоредени, Алушовски им даде шанса на сите играчи, а со по три гола завршија Манасков, Видомски, Ристевски, Граховац, Хенигман, Кузмановски и Петар Атанасијевиќ.

To top