Македонија катерина блажевска за дојче веле

Портрет Савески: Гласен со причина

„Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија“, навел Савески во пораката до членката на Судскиот совет.

Портрет Савески: Гласен со причина

Обвинител, судија, предавач на Академијата за судии и обвинители, човек кој не молчи пред кршењето на законите и постапките. Ова е само кус опис на Ненад Савески, кој е  предложен од Владата за нов државен јавен обвинител, а беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење.

Он неговата професионална биографија евидентно е дека немал „брза лента“ во кариерата, туку постепено ги поминувал сите скалила низ правосудните патеки. По дипломирањето, бил судски приправник – волонтер во различни одделенија во Основниот суд во Гостивар. Откако положил правосуден испит, станал судски приправник и стручен соработник во кривично и граѓанско одделение во Основниот суд во Гостивар. Бил во првата генерација (2007) што ја следеше и заврши почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Во 2009 година аплицирал и за  обвинител и за судија,  но бил избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје. Во тој период на два пати по шест месеци бил времено упатуван и за јавен обвинител во ОЈО Гостивар. Во меѓувреме станал магистер на правни науки од областа на казненото право. По повеќе од седум години поминати во Обвинителството го сменил „дресот“, кога во 2016 бил избран за судија на Основниот кривичен суд Скопје, пишува Катерина Блажевска за ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.

Јавно, а не тајно

Искуството што го стекнал, денес го пренесува и како предавач на Академијата на новите генерации судии и јавни обвинители. Но, тоа е и институцијата каде бил кандидат за директор. Тоа без успех заврши во 2022 година, кога на таа функција беше реизбрана Наташа Габер Дамјановска.

Откако таа во 2024 година поднесе оставка, Савески повторно беше меѓу кандидатите за директор на АСЈО и добил само еден глас помалку од новоизбраната директорка Ирина Трајкоска-Стрезоски. Савески преку полномошник поднесе тужба поради начинот на кој Управниот одбор на институцијата изврши избор на нов шеф. Но, во тужбата не ги оспори квалификациите на избраната кандидатка, туку одлуката на членовите на Управниот одбор да гласаат тајно, што е спротивно на Законот за АСЈО, Статутот на организацијата и Законот за општа управна постапка, во кои е уредено дека целата постапка за избор и именување на директор на Академијата треба да има јавен карактер и да се изведе на транспарентен начин.

„Кој ви даде право да кршите закон?“

Ова не е единствениот случај во кој Савески јавно реагира. Во јули 2025 година со остра порака лично и се обратил на членката на  Судскиот совет,  Антоанета Димовска (која доаѓа од редовите на судиите), заради нејзината поддршка за нискорангиран кандидат. Тогаш, за таа позиција наместо најдобро оценетиот судија, беше определена 11-то рангираната кандидатка. Тоа е спротивно на членот 89 од Законот за судии, според кој „…се определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.

„Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте!“ навел тој во пораката до членката на Судскиот совет, која имала и судир на интереси, бидејќи гласала за кандидатка на која ѝ била менторка.

„Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија“, навел Савески во пораката до членката на Судскиот совет.

Да се постават јасни граници

Во негови јавни настапи во изминатите години, укажувал дека не е изградена судска култура во вистинска смисла, но и дека тоа не може да го стори никој друг, освен фелата. Под судска култура подразбира интегритет, едукација и професионален однос кон професијата.

Себе си се смета за независен.

„Во некои неформални ситуации надвор од судската работа, сум насетил дека можеби некој се обидува да начне тема со која би можел да ми наметне став, сум го препознавал тоа и веднаш сум реагирал со јасно поставување на границите на дозволеното. Ако еден судија со своето секојдневно однесување јасно демонстрира дека во него има интегритет и дека ја врши својата професија на чесен начин, дури ни блиските нема да му влијаат. Сѐ зависи лично од еден судија како се етаблира во средината“, изјави за БИРН во 2023 година,

А за да може судството во вистинска смисла да ужива независност, смета дека треба да ужива и финансиска независност.

„Ние, таа независност ја немаме. Имаме квазифинансиска независност преку Судскиот буџет, но тоа зависи од волјата на извршната власт, што упатува на тоа дека државата што има обврска да ја гарантира независноста на судството, не создала услови за тоа“, оценил Савески.

Што ќе исцрта?

Автор е на многу стручни публикации, на разни теми: „Посебни истражни мерки наспроти правото на приватност – Судска пракса меѓународни стандарди“, „Мерки за обезбедување на лица во ЗКП што го ограничуваат правото на слобода и безбедност во согласност со член 5 од ЕКЧП“, „Конфискација-проширена конфискација“, „Честа и угледот и правото на слобода на изразување“.

Тој е национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, член на работни групи за  судски и законски реформи,  учесник и предавач на повеќе обуки, семинари, работилници, национални и меѓународни конференции од областа на казненото право, и човековите права и слободи, како и на студиски посети во правосудни институции, како што се Европскиот суд за човекови права во Стразбур и Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Савески, кој на 15 годишна возраст бил на летна школа во Оксфорд за усовршување на англискиот јазик, денеска говори и германски, српски/хрватски, како и основен шпански и албански јазик.

Приватно, тој е семеен човек, татко на три деца, кои се школувале во истата гостиварска гимназија „Панче Попоски“, каде учел и тој. Во јавни настапи нагласува дека извор на неговата енергија е неговото семејство. Во слободното време сака прошетки во природа, скијање, пливање и медитација, пешачење по кејот на Вардар, истражување на убавините на Македонија.

Вљубеник е во ликовната уметност, талентиран за цртање, но повеќе не му останува време за тоа. Ако владиниот предлог биде усвоен од  Собранието,  главниот цртеж што ќе треба да го нацрта е квалитативно нова перспектива за Обвинителството.

 

Катерина Блажевска за ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

Најнови вести од Македонија

To top