Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон по турнејата на Блискиот Исток изјави дека е постигнат напредок кон преговорите за договор за прекин на борбите во Појасот Газа и ослободување на израелските заложници кои се држат таму.
Во интервју што го даде во Истанбул, последната станица на неговата турнеја, Камерон рече дека Израел го разгледува британскиот предлог за отворање на пристаништето Ашдод за помош на испораките на крајбрежната палестинска територија, но дека „ќе треба многу напор“ за да се постигне договор.
„Мислам дека постои можност да се постигне пауза за време на која можеме да ги запреме борбите и да почнеме да бараме начини да донесеме помош и да ги извлечеме заложниците. Тоа е она за што зборував во регионот. И мислам дека имаме одреден напредок“, изјави тој за турската телевизија.
На неговото трето патување на Блискиот Исток за нешто повеќе од два месеца, Камерон се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други лидери.
Тој рече дека се залагал за траен прекин на огнот за време на состаноците во Израел, окупираниот од Израел – Западниот Брег, каде е сместена палестинската управа поддржана од Западот, Катар и Турција.
„Се залагам за она што мислам дека е во интерес на сите, вклучително и на Израел: веднаш да има пауза, бидејќи само така заложниците ќе можат да се вратат дома“, рече шефот на британската дипломатија.
„Израел е одговорен за она што се случува во Газа и мора да избегнеме уште поголема хуманитарна катастрофа“, додаде Камерон.