Македонските кик-боксери ќе бидат дел од еден од најголемите и најпрестижни турнири во светот, кој ќе се одржи од 10 до 15 март 2026 година, во Лидо ди Јесоло, Италија.
Станува збор за престижниот ВАКО Светски куп Италија 2026, каде што Македонија ќе има 17-мина натпреварувачи од девет клуба.
Дел од македонската делегација ќе бидат и интернационалните судии Елена Неделковска и Никола Бубески, кои ќе делат правда на борбите.
Ова е еден од најсилните и најмасовни турнири во светот и одлична можност нашите натпреварувачи да се соочат со врвна меѓународна конкуренција. Очекуваме квалитетни настапи и достојно претставување на македонскиот кик-бокс на светската сцена – изјави Дејан Митровски-Урко, актуелен претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, член на Бордот на директори на ВАКО Европскиот борд на директори и претседател на ВАКО Балкан кик-бокс федерацијата.
Според организаторите, на турнирот ќе настапат 2420 натпреварувачи, со 4.011 натпреварувачки влеза, од 471 клуб од 46 држави, што го прави овој настан еден од најголемите кик-бокс турнири во светот.