Вчера, на вонредна седница, Советот на општина Василево, едногласно, го усвои Елаборатот за процена на штета од невремето што ја зафати територијата на општина Василево во деновите 18,19 и 20 март 2025 година. Според податоците од Елаборатот, се работи за вкупна површина од 125,16698 хектари посеани со различни култури и проценета вредност на оштетувањата во износ од 34 075 979 денари, односно околу 550 000 евра.
Ниските температури проследени со слана и мразеви во споменатите денови, беа причината за големите оштетувања кои ги претрпеа земјоделците односно нивните посеви, по што општина Василево, односно Советот формираше три Комисии за процена на штетата.
Денес усвоениот Елаборат е резултат на работата од Комисиите кои извршија проценка на оштетувањата на терен, по претходно поднесени Барања, поднесени од оштетените земјоделци.
Во Елаборатот прикажани се збирните резултати од проценетата штета, видот и карактерот на причините, големината и последиците, како и активностите и мерките за санирање односно намалување на последиците од елементарните непогоди.
Процената и утврдувањето на висината на штетата предизвикана од споменатата елементарна непогода, Комисијата ја изврши врз основа на директно теренско утврдување, односно посета на терен на пријавените површини и вршење проценка на степенот на претрпеното оштетување.
Елаборатот е изработен согласно Методологијата за процена на штета од природни непогоди и други несреќи.
Според податоците од Елаборатот, невремето направи штета во речиси сите населени места на општина Василево, односно во: Ангелци, Василево, Владиевци, Градошорци, Добрашинци, Дукатино, Едрениково; Нова Маала, Пиперево, Радичево, Седларци, Сушево и Чанаклија.
Од страна на општинската администрација, комплетната документација доставена е до повисоките инстанци на одлучување, односно Владата на Р.Македонија, кои го имаат одлучувачкиот збор во однос на процентот на обештетување на земјоделците.