Во базата на Сојузот на спортски федерации на Македонија, се оддржа редовното годишно собрание на ССФМ. На Собранието му претходеше седница на Управниот Одбор.
На дневниот ред беше носење на нов деловник за работа на собранието, извештај за работата на сојузот во 2025 година, финансискиот како и извештај од надзорниот одбор.
Годишната програма за работа на Сојузот исто така беше на дневен ред, со акцент на барањето од страна на националните спортски федерации, како и општинските спортски сојузи за поголема самостојност на ССФМ во креирањето на програмите како и во распределбата на финансиски средства.
Се дискутираше и за воспоставување на јасни критериуми за финансирање на настани, турнири и спортски манифестации од интерес за државата.
На собранието присуствуваа вкупно 34 претставници од националните спортски федерации и општински спортски сојузи.
Пред почетокот на официјалниот дел на собранието, беа објавени резултатите од конкурсот за избор на дизајн на национален дрес.
„Им благодариме на сите учесници во конкурсот и се надеваме дека оваа идеја и дизајн ќе стане пракса и реалност, а со тоа македонските репрезентативци во колективните и индивидуалните спортови ќе имаат унифицирана спортска униформа, препознатлива насекаде во светот“, велат од Сојузот на спортските федерации на Македонија.
Првото место на конкурсот за избор на дизајн за национален дрес освои Александра Гаврилова, на второ место беше Марија Трајковска, а трето Марко Поповиќ.