Мосад имал пристап до речиси сите сообраќајни камери во Техеран. Една камера имала особено добар агол врз строго чуваниот комплекс во кој престојувало иранското раководство.
Во аналитичкиот центар во Израел служба сложени алгоритми надградувале досиеја за сите лица од обезбедувањето – домашните адреси, работното време, вообичаените рути од домот до работа и особено функционерите за кои биле задолжени да ги штитат и транспортираат.
Го знаевме Техеран како што го знаеме Ерусалим. Кога го познавате местото исто толку добро колку што ја познавате улицата на која сте пораснале, лесно ќе забележите ако едно нешто не е на свое место, изјавил израелски разузнавачки службеник за Фајненшл тајмс.
Следењето на овие податоци за сообраќајот во реално време им овозможил на Мосад и на ЦИА прецизно да утврдат во кое време иранскиот врховен лидер ќе биде во своите канцеларии во саботата наутро и кој бил со него.
Упадот во иранските системи, исто така, му овозможил на Израел да исклучи мобилни предаватели во десетина кули околу критичната локација на улицата Пастер. Телефоните што биле повикувани во овој реон давале сигнал дека се зафатени. Со тоа биле спречени предупредувања за итна закана од напад.
Операцијата за надгледување на Техеран била овозможена од Единицата 8200 за сигнално разузнавање. Снимките од камерите во реално време биле вкрстувани и обработувани со алгоритми, кои анализирале милијарди точки на податоци.
Оваа разузнавачка супериорност за време на 12-дневната војна лани во јуни му помогнала на Израел за само неколку минути да ликвидира повеќе од десетина ирански нуклеарни научници. Откако биле лоцирани целите, израелските пилоти користеле специфичен тип проектил, кој истрелан од далечина од 1.000 километри бил доволно прецизен да погоди човек, а да не биде пресретнат од противвоздушните системи.
Ликвидацијата на Хамнеи била технолошки поедноставна операција од убиството на Хасан Насралах, бидејќи ајатолахот не се криел по бункери и подземни засолништа како лидерот на Хезболах. Насралах избегна неколку обиди за атентат сè до септември 2024 година, кога израелски борбени авиони фрлија дури 80 бомби над неговото скривалиште во Бејрут.