Свет

Владата на Либан бара Хезболах да го предаде оружјето

Владата на Либан и нареди на армијата да ги спречи нападите врз Израел и да го конфискува оружјето на Хезболах

Владата на Либан бара Хезболах да го предаде оружјето

Владата на Либан денеска ги прогласи за незаконски воените активности на Хезболах и го повика движењето, кое има поддршка од Иран, да го предаде оружјето.

Владата на Либан и нареди на армијата да ги спречи нападите врз Израел и да го конфискува оружјето на Хезболах.

Хезболах е дел од владата на Либан, поради што е нејасно дали може да биде забрането движењето без дозвола на парламентот.

Либанската влада го осуди синоќешниот напад со ракети и дронови на Хезболах врз Израел.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска изјави дека генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем е мета за елиминација.

– Терористичката организација Хезболах ќе плати висока цена за пукањето врз Израел, а Наим Касем, генералниот секретар на Хезболах, кој одлучи да пука под притисок од Иран – сега е обележана цел за елиминација. Кој и да го следи патот на Хамнеи, наскоро ќе се најде во длабочините на пеколот заедно со сите осуетени елементи на оската на злото, наведе Кац на платформата Икс.

Тој додаде дека заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им наредиле на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да употребат сила против Хезболах, додека тие продолжуваат да ја следат примарната цел за уривање и поразување на иранскиот терористички режим.

Касем функцијата генерален секретар на Хезболах ја наследи од Хасан Насралах, кој беше ликвидиран од ИДФ во септември минатата година

Во меѓувреме, портпаролот на израелската војска одговарајќи на прашање дали ИДФ планира инвазија врз Либан изјави дека сите опции се на маса. Според него Хезболах направил голема грешка со одлуката да го нападне Израел.

Израел утрово почна воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан. Според ИДФ, погодени се објекти за складирање оружје и дополнителна инфраструктура во неколку делови од Либан.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 31 лице е убиено, а 149 лица се повредени во израелските напади во Либан.

To top